Уметност и традиција на сцена: Новогодишен концерт на ООМУ „Стефан Гајдов“
Објавено: 26 декември, 2025, во 12:11 часот
Во преполната сала на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, учениците од Основното општинско Музичко училиште „Стефан Гајдов“ приредија традиционален Новогодишен концерт со богат репертоар од класична и народна музика.

Концертот беше отворен со Хорот на училиштето кој под водство на професорката Славица Ставрева ги изведе „Зимска песна“, „Радост за нас“ и „Божиќно дрвце“. Следуваа соло и дует настапи на ученици на клавир, виолина, виолончело и гитара, кои ги изведоа најпознатите дела од класичната музика.

Оркестарот на Традиционални инструменти, под водство на професорот Трајче Малинов, претстави дел од богатството на македонската народна музика, изведувајќи и стари народни песни.

На крајот, голем впечаток остави Оркестарот на ООМУ „Стефан Гајдов“ со виолини, виолончело, кларинет и солистички настапи, кој под водство на професорите Златко Андреев и Елена Ѓорѓиевска изведе популарни мелодии од Чајковски, „Манис Валцер“, „Серенада“ и „Ѕвончиња“.

Концертот ги обедини класичната и народната музика, прикажувајќи го талентот и посветеноста на младите музичари, како и значењето на музичката традиција во современиот културен амбиент на Велес.
Стефани Манева
