Партиите се’ уште без договор за парламентарно мнозинство и влада
11.08.2020
Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на вчерашната средба не постигнаа договор околу формирањето на нова влада, сепак, како што истакнаа, разговорите ќе се продолжат во текот на наредните денови, а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог.
Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски по изјавата на досегашниот спикер на Парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран, за МИА појаснија дека согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од констиуирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано.
– Во 2016 година, тогашниот претседавач, Трајко Велјановски, испратил допис датиран на ден 30 декември 2016 година, со кое го информира тогашниот претседател Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател, наведоа од кабинетот.
Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.
-Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година, истакнуваат за МИА од кабинетот на Пендаровски.
Џафери, пак, за ТВ 21 изјави дека според него без избран прв човек на Собранието нема конституиран Парламент. Тој се уште не испратил известување до шефот на државата Стево Пендаровски за формирањето на парламентот со што би почнале да течат роковите за доделување на мандатот.
Минатиот вторник во Собранието се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав, но не беше избран претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и за тоа, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.
Со одржувањето на конститутивната седница течат роковите за формирање на влада. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
По вчерашната средба со Ахмети во Собранието, Заев истакна дека жали што не може веднаш да каже дека е постигнат договор и најави дека разговорите ќе продолжат следните денови. Очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање влада и порача дека таа треба да се формира за да носи решенија за одговор на предизвиците. Нови избори, како што вели, не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите. На денешните разговори со Ахмети имале напредок во аргументацијата на ставовите на двете партии.
Има, вели, многу суштини и многу детали за коишто е вредно да се разговара. – Таман работа да останеме без влада не ни теба. Нови избори не ги решаваат работите. Ќе ги повториме резултатите. Влада треба да се формира. Треба да се формира влада секако таму каде што ќе се најдат решенијата за формирање на влада. Нашиот став, а фала богу и на другите партии со коишто разговараме е дека сега нема причина да се размислува за предвремени избори. НАТО е завршена работа одлука започната за преговорите имаме , меѓувладина конференција се закажува почеток на отворање на поглавјата, ќе треба да работиме а и да оставиме предвидливост и за економијата, за граѓаните и за сите, изјави Заев.
Ахмети, пак, по средбата истакна дека разговарале околу платформите за да ги доближат ставовивте, нагласувајќи дека ќе зависи од волјата на двете страни за да се постигне позитивен епилог во полза на државата.
– Јас не сакам да ги оптоварувам преговорите и не сакам последниот збор да го кажам. Ние инвестираме во прашањето за Албанците, во добра насока сме и готови сме ова да ги направиме за државата затоа што придобивка ќе има стабилноста на државата, приближувањето на заедниците,
сакаме и сме подготвени ова да го направиме за државата, истакна Ахмети.
Тој рече и дека веќе го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски оти неговата партија започнала преговори со СДСМ, како победник со победник.
– Јас го информирав Мицковски дека започнаа преговори меѓу ДУИ и СДСМ за тие да не создадат лажно мислење, туку да знаат дека ние правиме напори за да постигнеме договор, потенцираше лидерот на ДУИ и изрази надеж дека сите партии ќе имаат силна волја за да се надминат разликите и потешкотите.
Околу прашањето за премиер Албанец, што беше предизборно ветување на ДУИ, Ахмети оцени дека, колку се блиску, толку се и далеку.
– Јас сметам дека колку што сме блиску толку сме и далеку, но сепак сите страни мораат да ги имаат предвид големите интереси на државата, рече Ахмети.
Пред да се одржи средбата со Заев, Ахмети влера упати покана до лидерите на партиите од албанскиот политички блок, по повод годишнинатата од Рамковниот договор. Заев тоа го оцени како притисок врз него, СДСМ и Коалицијата „Можеме” и порача дека таква средба може да имаат и претставниците од, како што вели неалбанските граѓани. Ако е поводот Охридскиот договор, потенцира, таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно по објавата на редовното утринско соопштение од СДСМ дека водат сериозни разговори за обезбедување ново стабилно парламентарно мнозниство со четиригодишен мандат, од ВМРО-ДПМНЕ во реакција порачаа дека „на Република Македонија не и е потребна уште една влада како минатата за граѓаните да осиромашат”. – На Република Македонија и е потребна сигурна иднина, а тоа ќе го овозможи владата преводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нови информации за текот на нивните преговори за парламентарно мнозинство вчера не беа соопштени, исто како и претходните денови, со образложение да не се наштети на текот на процесот.
На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме” предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија” на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат