Отворена јубилејната акцијашко ветеранска средба во Велес „40 години СМРА Титов Велес 1986“ (видео и фото)

Објавено: 10 октомври, 2026, во 09:21 часот

Пристигнаа сите 180 учесници, поранешни бригадири а сега ветерани, од 12 здруженија на граѓани на јубилејното одбележување на „40 години СМРА Титов Велес 1986“ од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија. Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес е преадаптиран во бригадирско акцијашка населба каде домаќините и организатори од ЗГ„Акцијаш ветерани“ ги пречекаа и сместија гостите.

Учесниците на тридневната средба се построија во дворот на средношколскиот дом каде беше интонирана химната на Македонија и подигнато државното знаме. Нив во име на домаќините и организатори ги поздрави Драган Миладиновски.

Јубилејното одбележување денеска ги содржи најзначајните активности. Учесниците освен што ќе положат свежо цвеќе на бистата на Кочо Рацин, пред велешката Гимназија и на Спомен костурницата, ќе изведат акција за пошумување на дел од спортските терени во месноста Дворови и ќе ги засадат првите 40 дрвја.

Попладне во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ ќе биде одржана и трибината: „Акцијаштвото како феномен – минато, сегашност и иднина“ на која модератор ќе биде Аце Коцевски.

Вечерва, на јубилејна прослава, ќе бидат доделени признанија на учесниците на Сојузната младинска работна акција „Титов Велес 1986“. Станува збор за младинска работна акција од сојузен карактер, која во времето на одржување, пред 40 години, во тогашен Титов Велес овозможи учество на 10 бригади со 500 акцијаши од поранешните републики на државата СФР Југославија и една бригада од Германија.

Два месеци, тогаш, бригадирите работеа на копање на кордони ( редови за пошумување на садници) на ридот од Дервенски поток до црква „Свети Спас“ и од црквата до врвот на рид Свети Илија, ги ископаа каналите за поставување на електичен кабел низ градот, го расчистија просторот за изградба на сегашен Младински парк и просторот околу мини хидроцентралата во село Богомила на тогашен „Електро Велес“ како и копаа канавки на автопат „Братство и единство“ кај Куманово. Тогаш бригадирска населба беше Основното училиште „Васил Главинов“ каде во две смени беа сместени и престојуваа по пет младински работни бригади.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.