Иванова: Велешката пита е со пастрма и подготвена е по традиционалниот рецепт – затоа дојдете и пробајте ја викендов во Велес

Објавено: 9 октомври, 2026, во 14:34 часот

На вкупно 12 штандови поставени на добро познатата локација, улица Благој Ѓорев пред велешката Гимназија, најдобрите мајстори на пита пастрмајлија и претставници на винарии имаат задача да ги угостат сите гости на питијадата. Сечењето на Џиновската пита ќе го означи почетокот на годинешното издание на Питијада 2026-та  

Од музичките ѕвезди вечерва во Велес за забавата ќе се грижат  Тони Андреев, Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот како и Влатко Лозаноски. На втората вечер, ѕвезда е српската пејачка Наташа Беклавац додека пред неа ќе настапат Благица Павловска, Ана Петановска и Александар Тарабунов. Во недела, вечерта, настапуваат  Антонија Гиговска, Давид Темелков и групата Црвена Јабука.

-Добро е да се дојде во Велес,исто така, и да се видат „Базарот на рачни ракотворби“, „Изложбата на Олдтајмери“ како и за прв пат оценувањето на квалитетот и изборот на најдобрата пастрмајлија закажано за недела од страна на велемајсторите на кујната како Стево Карапанџа,Уве Мишел и Драгица Лукин, вели Александра Иванова од Организациониот одбор на Општина Велес.

Годинава „Питијада“ носи и новитет – избор на најдобра велешка пита. За првпат, во рамки на фестивалот, во соработка со „Гастро мак“, традиционалната „Велешка пастрмајлија“ ќе ја оценува жири составено од 15 познати шефови, со што локалната гастрономска традиција ќе се најде пред професионални кулинарски имиња. Овој настан ќе се случи во недела, 11 октомври, со почеток во 12 часот, пред главната бина на манифестацијата.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.