Д-р Давчева: Зaд болката од критиката стојат гласовите на минатото, чувствителноста и патот кон внатрешната сигурност

Објавено: 22 август, 2026, во 14:09 часот

Што се случува во нас кога туѓото мислење го чувствуваме како закана за нашата вредност? Кога критиката боли повеќе од зборовите и што навистина се активира во нас кога некој нè осудува?

Не секоја критика нè повредува затоа што е вистинита. Понекогаш нè повредува затоа што допира нешто што веќе го носиме за себе во себе. Можеби туѓата критика толку многу нè погодува кога сегашниот момент зборува со гласот на минатото и ја буди старата рана… Можеби не нè руши туѓата критика. Можеби нè руши значењето што сме научиле да ѝ го даваме…

Гешталт-перспектива кон чувствителноста на критика и начинот на кој минатите искуства продолжуваат да живеат во сегашниот момент

„Не го сфаќај тоа толку лично!“ Реченицата звучи едноставно. Понекогаш дури и добронамерно. Но, за човек кој е особено чувствителен на критика, таа може да биде речиси бескорисна. Тој можеби и самиот знае дека не треба да го сфаќа лично. Знае дека другиот можеби само дал мислење. Знае дека една грешка не значи дека е неспособен, а туѓото незадоволство не значи дека ќе биде отфрлен. И покрај тоа, еден збор може да го вознемири со часови, па и денови.

Една забелешка може да предизвика силен срам. Една критика може да го натера човек да се брани, да се повлече, да се налути или да започне опсесивно да размислува: „Што мисли тој за мене?“, „Дали навистина сум толку лош?“, „Зошто го кажа тоа?“, „Што требаше да одговорам?“ „Дали погрешив?“

Тука се појавува едно важно прашање:

Дали навистина реагираме само на она што се случува сега? Одговорот е посложен.

Не станува збор за тоа дека едноставно минатото управува со нас. Потребно е да го насочиме вниманието кон тоа како минатото е присутно во начинот на кој го доживуваме сегашниот момент. Сеќавањето, научените начини на перцепција и односите што ги носиме со себе можат да станат дел од начинот на кој ја организираме актуелната ситуација. Од таа причина понекогаш проблемот не е само во критиката.

Проблемот може да биде во она што критиката го раздвижува во нас.

Што значи „сегашноста зборува со гласот на минатото“?

Оваа реченица не треба да се разбере буквално. Минатото не се враќа во сегашноста како филм што повторно се пушта. Тоа што се случува е посуптилно. Сеќавањето на минатиот настан е нешто што го доживуваме сега. Начинот на кој сме научиле да се согледуваме себе, другите и односите исто така може да продолжи да влијае врз сегашното искуство. Ова се разгледува преку перспективата на полето: човекот не се гледа изолиран од контекстот, туку како дел од динамична целина на односи, средина, историја и актуелно искуство. Затоа, кога денес некој ќе ни каже:

„Не сум задоволен од ова што го направи!“ можеби не слушаме само една актуелна порака. Можеби во тој момент се активира цела организација на искуството: „Ќе разочарам!“ „Ќе ме осудат!“ „Ќе изгубам нешто важно!“ „Морам веднаш да се корегирам!“

И тогаш реакцијата може да биде многу поголема од самиот настан.

Еден збор може да биде временска машина

Ова можеби звучи чудно, но размислете. Некој денес ќе каже нешто што сте го слушале, во друга форма, пред повеќе години. И одеднаш реакцијата може да е многу поголема од ситуацијата. Не затоа што буквално сте се вратиле во детството. Туку затоа што сегашниот момент допрел нешто што има стара емоционална тежина. Не затоа што нè враќа назад, туку затоа што покажува дека нешто од минатото сè уште има место во нашата сегашна приказна. И можеби токму затоа некои луѓе не се плашат толку од самата критика. Тие се плашат од значењето што критиката го добива.

„Не сум доволно добар“ е една од најтешките реченици што човек може да ги носи, затоа што таа реченица нема крај. Ако верувате дека не сте доволно добар студент, можете да станете подобар студент. Ако мислите дека не сте доволно добар работник, можете да научите нешто ново. Ако мислите дека не сте доволно добар сопружник, можете да се потрудите да се промените…

Но ако длабоко во себе верувате: „Јас не сум доволно добар“ тогаш нема резултат што трајно ќе ве задоволи. Ќе добиете пофалба и ќе ви треба следната. Ќе постигнете успех и ќе се прашувате дали навистина сте го заслужиле. Ќе ви честитаат некое лично достигнување, а вие ќе мислите: „Само да знаеја…“ И така човек може цел живот да собира докази дека вреди, а никогаш да не поверува и почувствува дека конечно е доволно…

Тоа е затоа што се обидува да реши егзистенцијално прашање со достигнувања.

Можеме да го знаеме фактот дека една критика не значи наше отфрлање, а сепак нашето тело и емоционалниот систем да реагираат како да значи. Ако го разгледаме контактот: Што се случува меѓу нас и другиот во моментот кога се чувствуваме критикувани? Можеме да истражиме: што точно кажал другиот; што сум чул јас; која мисла веднаш се појавила; што сум почувствувал во телото; што сум си кажал себеси; што сум претпоставил дека другиот мисли за мене; што сум направил потоа, дали постоел напад, бранење, повлекување, замолчување, угодување, која потреба се јавила во тој момент, а не била задоволена…  

Не секоја чувствителност на критика е ниска самодоверба.

Некој може да изгледа самоуверено, успешно и компетентно, а сепак да биде екстремно чувствителен на критика. Зошто? Бидејќи самодовербата понекогаш може да биде условна: Вредам додека сум успешен! Тогаш критиката не е само: Ова што го направи не е добро. Туку се доживува како: Ти не си добар! Тоа е огромна разлика.

Внатрешното дете е корисна метафора, но не и целосно објаснување

Во психологијата и психотерапијата често се користи терминот „внатрешно дете.“

Тој може да биде корисна метафора за оние делови од нашето искуство во кои се зачувани рани потреби, стравови, чувства на срам, копнеж по прифаќање или заклучоци што сме ги формирале за себе во значајни односи. Но важно е да не го претставуваме „внатрешното дете“ како некаква посебна личност што буквално живее во нас и управува со нашиот живот. Попрецизно е да кажеме дека старите искуства можат да влијаат врз начинот на кој денес го организираме нашето искуство.

Дете кое често добивало порака дека грешката е неприфатлива може постепено да развие уверување: „Морам да бидам совршен!“

Дете кое чувствувало дека љубовта е условена од успехот може да научи: „Вредам ако постигнувам!“

Дете кое било посрамувано кога покажувало ранливост може да научи: „Не смеам да покажам дека ме боли!“

А дете кое често било отфрлано или игнорирано може да стане особено чувствително на знаците дека некој е незадоволен од него.

Подоцна, возрасниот човек можеби рационално знае дека една критика не значи негово отфрлање. Но неговото актуелно доживување може да биде организирано така што критиката изгледа како опасност за односот, за вредноста или за припадноста.

Ова е една од причините зошто не е доволно само да си кажеме: „Нема причина да се чувствувам вака!“ Чувството не исчезнува затоа што сме му дале логично објаснување.

Потребно е прво да го забележиме, да станеме свесни.

Кога туѓата реченица станува наша реченица

Дете не се раѓа со уверување дека мора да биде совршено. Не се раѓа со мислата:

„Мојата вредност зависи од мојот успех!“

Не интерпретира: „Ако некој е незадоволен од мене, тоа значи дека сум лош!“

Овие правила се учат. Некогаш директно. Некогаш индиректно. Некогаш преку зборови. Понекогаш преку поглед. Понекогаш преку тишина. Понекогаш преку љубов која доаѓала полесно кога сме биле успешни, послушни, мирни или совршени.

И така во човекот може да се создаде невидлива колекција од правила:

Не греши. Не разочарувај. Не покажувај слабост. Биди добар. Биди најдобар. Не се спротивставувај. Не барај премногу. Не прави проблеми. Внимавај што мислат другите...

Со текот на годините, никој повеќе не мора да ни ги кажува. Тие стануваат автоматски. Не ги слушаме како правила, ги доживуваме како реалност. И тогаш, многу години подоцна, некој ќе каже: „Не се согласувам со тебе.“ А во нас ќе одекне нешто сосема друго:

„Не сум прифатен... Нашето минато ја напишало фуснотата...

А што ако цел живот се обидуваме да бидеме „доволно добри“?

Тогаш животот може да стане тивок натпревар во кој никој официјално не учествува.

Постојано мериме: Дали сум доволно успешен? Дали сум доволно добар партнер? Дали сум доволно добар родител? Дали сум доволно паметен? Дали изгледам доволно добро? Дали другите ме почитуваат? Дали некој е незадоволен од мене? И најчудното е што човекот може да постигне многу во животот, а сепак да не почувствува дека стигнал до некој посакуван врв. Затоа што целта не е успехот. Целта е нешто многу потешко: да добие доказ дека конечно вреди.

Но тој доказ никогаш не е доволен. Утре ќе биде потребен нов. И нов. И нов…

Критиката како фигура во нашето искуство

Гешталт психотерапискиот пристап зборува и за односот меѓу фигурата и позадината. Во секој момент нешто станува особено важно за нашето внимание. Тоа станува фигура, додека останатото останува во позадина. Кога човекот е чувствителен на критика, реченицата: „Ова што го кажа не е добро“ може да стане огромна фигура. Тогаш сè друго исчезнува. Не се гледаат останатите работи што биле добро направени. Не се слушаат претходните позитивни коментари. Не се зема предвид целокупниот контекст. Еден критички збор станува центар на целото искуство. И тогаш можеме да се запрашаме:

„Што во мене ја прави токму оваа порака толку значајна?“

Тоа е многу поинтересно од обидот веднаш да ја отстраниме чувствителноста.

Не секоја критика е неправедна и токму тука лежи зрелоста

Постои една прифатеност во популарните психолошки содржини: секоја непријатна реакција да се објасни со туѓа токсичност. „Ако те критикуваат, тоа зборува за нив!“

Понекогаш – да. Но не секогаш. Некогаш критиката е неправедна. Некогаш е груба. Некогаш е проекција на другиот.

Но понекогаш критиката содржи и нешто корисно. Можеби навистина сме погрешиле. Можеби сме повредиле некого без да сакаме. Можеби нешто можеме да направиме подобро. Затоа, внатрешната сигурност не значи: „Никој нема право да ме критикува!“

Ниту значи: „Сè што велат другите за мене е нивен проблем!“

Зрела внатрешна позиција би звучела вака:

„Можам да слушнам критика без веднаш да ја претворам во пресуда за мојата вредност. Можам да проверам што од неа ми припаѓа, а што не ми припаѓа!

Тоа е голем чекор кон личната слобода…

Што правиме кога сме критикувани?

Секој човек има свои начини на прилагодување..

Некој напаѓа: „А ти што направи подобро?“

Некој се брани: „Да, ама имав многу причини…“

Некој се повлекува: „Во ред…“

Некој се обидува веднаш да угоди: „Добро, ќе направам како што сакаш.“

Некој се замрзнува…

Некој станува преокупиран со тоа да ја поправи сликата за себе…

А некој, пак, се преплавува со срам…

Однадвор овие реакции изгледаат различно. Но психотерапевтското прашање може да биде: „Од што ме штити оваа реакција?“

Ако се браниме, можеби се обидуваме да се заштитиме од чувството дека сме неспособни.

Ако напаѓаме, можеби не сакаме да почувствуваме ранливост.

Ако се повлекуваме, можеби се обидуваме да избегнеме отфрлање.

Ако угодуваме, можеби веруваме дека без туѓо задоволство нема да бидеме безбедни во односот.

Така, однесувањето што некогаш можеби било корисно, денес може да стане автоматска реакција која повеќе не ни служи на истиот начин. Гешталт-пристапот токму затоа става силен акцент на свесноста за процесот: што мислам, што чувствувам, што правам, што (не) забележувам и како влегувам во контакт со другиот.

Огледалото не е секогаш чисто, понекогаш е валкано…

Туѓото мислење не е објективно огледало на нашата вредност. Човекот што нè критикува исто така има: сопствени очекувања; стравови; потреби; предрасуди; вредности; моментална емоционална состојба; лична историја. Но, критиката можеби понекогаш по нешто зборува и за човекот што критикува.

Не значи дека секоја критика е неоснована… Зрела психолошка позиција на критикуваниот не е: Сите други грешат, јас сум во право! Туку: Можам да проверам што од ова навистина се однесува на мене, без автоматски да ја претворам критиката во пресуда за мојата вредност! Тоа е многу посилна порака.

Сепак, корисна е и старата метафора со огледалото…

Ако огледалото е валкано, твоето лице не станува валкано. Ако некој те гледа низ сопствените предрасуди, неговата слика за тебе не станува автоматски вистина.

Но постои и друга страна: ако огледалото во тебе е искривено, можеби и ти самиот себеси се гледаш поинаку отколку што навистина си.

Затоа психотерапевтската работа не се состои само во тоа да кажеме да не се слушаат туѓите мислења, туку да научиме подобро да разликуваме:

Што е мое?

Што е твое?

Што е наше?

Што е старо?

Тоа е многу пософистицирана форма на внатрешна свесност.

И можеби најголемата промена не е во тоа што критиката ќе престане да боли

Можеби таа и понатаму понекогаш ќе боли. Но болката повеќе нема да мора веднаш да стане срам. Срамот нема да мора да стане самоомраза. Критиката нема да мора да стане доказ дека не вредиме. Несогласувањето нема да мора да стане отфрлање. И туѓото мислење нема автоматски да стане наша реалност.

Човекот постепено може да стигне до еден необичен, но ослободувачки став:

„Можам да бидам несовршен и сепак да бидам вреден!

„Можам да згрешам и сепак да останам свој!

„Можеш да не се согласуваш со мене и јас сепак да се самопочитувам!

„Можеш да ме критикуваш, а јас да одлучам што ќе направам со твоите зборови!

И можеби токму тука се случува нешто спектакуларно, иако однадвор не изгледа така.

Човекот не мора да го поминува животот обидувајќи се да ја контролира туѓата слика за себе. Не мора сите да го сакаат. Не мора сите да го одобруваат. Не мора секогаш да биде во право. Не мора да биде совршен. Може едноставно да биде човек.

И можеби вистинската внатрешна сигурност не започнува во моментот кога конечно ќе престанеме да бидеме критикувани, туку во моментот кога ќе сфатиме:

туѓите зборови можат да нè допрат, но не мора да нè дефинираат!

А ако понекогаш еден збор нè погоди многу подлабоко отколку што сме очекувале, можеби тоа не е покана повторно да се осудиме. Можеби е покана да се запрашаме:

„Чиј глас го слушам во себе?“

И можеби, за првпат, да му одговориме со својот:

„Секогаш имам избор...“

Избор дали ќе одговориме. Избор дали ќе поставиме граница. Избор дали ќе признаеме грешка. Избор дали ќе ја прифатиме критиката. Избор дали ќе ја одбиеме. Избор дали ќе останеме во односот. Избор дали ќе се заштитиме. И можеби најважно, избор дали ќе продолжиме да се гледаме себеси низ очите на некој друг.

Понекогаш не се плашиме од тоа што луѓето ќе кажат. Се плашиме од тоа што ќе си кажеме себеси после тоа.

Ова е можеби најнепријатното сознание, затоа што ако знаеме дека некој е неправеден, можеме да му се спротивставиме. Но што ако неговите зборови го разбудат нашиот сопствен внатрешен судија? Тогаш проблемот не е само: „Што ќе кажат другите?“

Туку: „Што ќе си направам јас со тоа што ќе го кажат?“ Ќе се казнам? Ќе се понижам?

Ќе се повлечам? Ќе се натерам уште повеќе да работам? Ќе се обидам по секоја цена да докажам дека вредам? И тука се појавува една многу важна разлика:

Туѓото мислење не е секогаш во наша контрола. Нашиот однос кон себе е местото каде што почнува нашата слобода.

На крајот, прашањето не е: Како да престанеме да бидеме чувствителни?

Можеби тоа никогаш не треба да биде главното прашање, затоа што чувствителноста сама по себе не е слабост. Чувствителноста може да значи дека нешто ни е важно. Дека ни значат односите. Дека сме способни длабоко да доживуваме.

Проблемот започнува кога чувствителноста повеќе не ни дозволува слободно да живееме. Кога секое несогласување го доживуваме како отфрлање. Кога секоја грешка станува доказ дека не вредиме. Кога туѓото незадоволство автоматски го претвораме во сопствена вина. Кога критиката престанува да биде информација и станува пресуда.

Тогаш вреди да застанеме. Не за да се осудиме себеси, туку за првпат навистина да се прашаме: „Што се случува во мене?“

Можеби ќе откриеме дека зад денешната реакција стои старо уверување. Можеби ќе препознаеме стар страв. Можеби ќе го почувствуваме телото како реагира пред да успееме да ја составиме мислата. Можеби ќе откриеме дека долго време се обидуваме да ја заслужиме љубовта преку совршенство. А можеби ќе сфатиме нешто уште поважно:

Не мораме да бидеме совршени за да бидеме вредни.

Не мора сите да нè одобруваат за да бидеме сигурни во себе.

Не мора секоја критика да ја одбиеме за да се заштитиме.

И не мора секоја критика да ја прифатиме за да бидеме зрели.

Внатрешната сигурност се гради во просторот меѓу тие крајности.

Во можноста и изборот да кажеме: „Можам да слушнам што ми кажуваш, а сепак да останам во контакт со себе! Тогаш критиката повеќе не мора да биде непријател. Може да биде информација. Може да биде предизвик. Може да биде нешто со кое не се согласуваме.

А понекогаш може да биде и врата. Врата кон место во нас кое долго време чекало да биде забележано. Затоа можеби следниот пат кога некој ќе каже нешто што длабоко ќе ве погоди, наместо веднаш да се прашате:

„Зошто тој ми го направи ова?“ застанете за момент и прашајте се:

„Што точно се разбуди во мене?“ Можеби одговорот нема да ја промени критиката. Но можеби ќе го промени начинот на кој се однесувате кон себе.

И токму таму започнува еден поинаков вид слобода: не слобода од туѓото мислење, туку слобода од потребата туѓото мислење да одлучува кои сте.

Можеби цел живот сме се обидувале да направиме нешто што никогаш не било возможно: да ги натераме сите огледала да покажуваат слика што ќе ни се допадне.

Да бидеме доволно добри за никој да не нè критикува. Доволно успешни за никој да не се разочара од нас. Доволно внимателни за никој да не се налути. Доволно совршени за никој да не ни најде мана.

Но таков живот не постои. Секогаш ќе постои некој на кого нема да му се допаднеме. Некој што погрешно ќе нè разбере. Некој што ќе види во нас нешто што не го гледаме самите. Некој што ќе нè критикува. И можеби токму тука започнува вистинската слобода.

Не тогаш кога ќе престанеме да бидеме повредливи, туку тогаш кога ќе престанеме од секоја повреда да правиме доказ дека со нас нешто не е во ред.

Следниот пат кога некој ќе каже нешто што ќе ве погоди, не брзајте да се браните. Не брзајте ниту да се обвините. Застанете и прашајте се:

„Кој збор ме заболе, неговиот или оној што одамна живее во мене?“

Можеби ќе откриете дека пред вас стои само еден човек со свое мислење. А зад неговата реченица стои цел еден свет што сте го носеле со години. Свет во кој сте морале да бидете совршени за да бидете сакани. Да бидете успешни за да добиете вредност.

Да не грешите за да бидете прифатени.

Но вие денес веќе не сте тоа дете. И можеби најголемиот чин на зрелост не е да му докажете на светот дека сте доволно добри, туку да престанете да барате дозвола од светот за да се чувствувате такви. Затоа што еден ден, можеби токму во најтивкиот момент, ќе сфатите: Не мора сите да ме видат правилно за јас да знам кој сум. И тогаш гласот на минатото сè уште може да се слушне. Но повеќе не е најгласниот, бидејќи конечно сте го пронашле сопствениот.

А сопствениот глас не вели: „Биди совршен за да те сакаат.“

Тој вели: „Биди свој! Можеш да згрешиш! Можеш да не бидеш совршен! Можеш да бидеш критикуван! И сепак, не мора да се напуштиш себеси!

Можеби тоа е вистинската внатрешна сигурност: не да станеш човек кого никој не може да го повреди, туку човек кој, дури и кога ќе биде повреден, знае како да се врати кај себе...

Мимоза Давчева

д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.