Кавадарци погодено од силно невреме – на терен беа сите општински служби за расчистување на последиците

Објавено: 3 септември, 2026, во 07:30 часот

Силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер, вчера вечер, го зафати Кавадарци и повеќе населени места на територијата на општината.

Според информациите од Општина Кавадарци, нема повредени лица, а не се регистрирани ниту материјални штети на инфраструктурните објекти. Оттаму посочуваат дека добрата атмосферска канализација и претходно санираната инфраструктура придонеле за справување со големото количество вода.

Сепак, невремето предизвикало проблеми на повеќе локации. Регистрирани се паднати дрвја и гранки, околу десет поплавени подруми, како и дефекти на електричната и телекомуникациската инфраструктура.

Паднати дрвја имало и на регионалните патни правци Кавадарци – Дреново и Кавадарци – Неготино.

Екипите на ЈП „Комуналец“ беа мобилизирани. На терен веднаш излегоа 12 работници од Хигиена и зеленило како и 15 работници од секторот Водовод и канализација, со два трактори, два камиона и еден скип.

Се расчистуваа наносите, решетките на атмосферската канализација и јавните површини, а паралелно се работеше и на отстранување на останатите последици од невремето.

На терен беа и екипи на ТППЕ Кавадарци и Општина Кавадарци, додека електродистрибутивните и телекомуникациските оператори работеа на отстранување на дефекти.

Полициски службеници на Одделение за внатрешни работи Кавадарци ги обезбедуваа локациите каде што постоеше ризик или движењето беше отежнато.

Надлежните служби останаа на терен до целосно расчистување и нормализирање на состојбата. Граѓаните можеа да пријават проблем или да побараат информација преку Општинскиот кол-центар, на бројот 13 300.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.