Ученици на основните училишта во Велес насликаа ликови на светители на едукативно-креативна работилница во Спомен-куќа на Васил Главинов (фото)

Објавено: 9 октомври, 2026, во 15:41 часот

Настанот започна со прошетка низ спомен-куќата и продолжи со кратка едукативна презентација, прилагодена на возраста на учениците. По презентацијата, 12 учениците како учесници во интерактивна креативна работилница се вклучија во изработка на садови од глинамол, инспирирани од садовите пронајдени на археолошките локалитети, лепеа и составуваа керамички садови, односно  симулираа  реставрација, со употреба на садови набавени од керамички работилници и цртаа предмети како и архитектурата што ја видоа при посетата на сакралните објекти и Спомен-куќата на Васил Главинов. Најголем дел од учесниците на работилницата насликаа ликови на светители.

Според документаторот на Народен музеј Велес, Лидија Ѓорѓиевска активноста има за цел учениците да се запознаат со процесот на откривање, заштита, конзервација и реставрација на археолошките предмети пред тие да бидат изложени во музејските витрини.

-Преку ваквиот тип работилници се придонесува кон подигнување на свеста за значењето на културното наследство уште од најмала возраст и кон создавање идни генерации музејска публика која ќе ја познава, почитува и негува својата историја и култура , додаде Ѓорѓиевска.

Едукативно-креативна работилница во Спомен-куќа на Васил Главинов е дел од проектот „Приказните на Велес низ детските очи“ кој  што го поврзува образованието, културното наследство и детската креативност, создавајќи мост меѓу минатото и иднината на градот.

Проектот им овозможува на учениците да го запознаат Велес на поинаков начин – да откриваат, истражуваат, раскажуваат и, преку сопствените идеи и креативни изрази, да ја пренесат својата визија за културното наследство на градот.

На овој начин, музејот станува простор за активно учење и творење, а децата – истражувачи и раскажувачи на приказната за Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.