Велешките пита мајстори на фурна „Гемиџии“ урнаа уште еден рекорд со Џиновска Пита долга 4 метри и 40 сантиметри и тешка 90 килограми (видео и фото)
Објавено: 10 октомври, 2026, во 08:18 часот
Започна манифестацијата „Велешка питијада 2026“ со сечење на Џиновската Пита која пита мајсторите на фурна „Гемиџии“ годинава ја подготвија од 28 килограми тесто, 45 килограми месо и 370 јајца.

Сечењето на Џиновската пита го означи официјалниот почеток на годинешната манифестација. Првите парчиња Велешка пита ги пресекоа градоначалникот Марко Колев, Претседателот на Совет на Општина Велес, Даниел Јаневски и заменик градоначалничката Елизабета Митреска Ангелеска заедно со останати членови на Советот на општина Велес.

Голем беше интересот на посетителите на првата вечер на манифестацијата да добијат парче од питата. Во донаторските каси на велешки Црвен крст граѓани пуштаа доброволни прилози во пари.

Програмата на годинешната манифестација „Велешка Питијада“ ја отворија децата од детската градинка „Димче Мирчев“ а потоа продолжија естрадните уметници Тони Андреев, Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот како и Влатко Лозаноски.


Вчера вечер на манифестацијата дојдоа и првите гости. Се наполнија штандовите закупени од 11 угостителски објекти и една македонска винарија.
Голем број од посетителите ги посетија и штандовите со рачни изработки на Есенскиот Базар.
Убавка Јаневска


