Во текот на денешната редовна владина седница се очекува да биде усвоен петтиот пакет економски мерки
16.02.2021
На денешната редовна владина седница се очекува да биде усвоена информацијата за петтиот пакет на економски мерки за помош на стопанството и на граѓаните поради ковид-кризата. Финалната предлог-верзија беше презентирана викендот пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во државава.
Како што информира вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи последниот пакет за помош поради ковид-кризата содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и за задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и на граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, посочи дека сите мерки се дизајнирани во согласност и во дијалог со сите стопански комори, но и со работодавачите, со работниците, вклучувајќи ги и синдикатите.
– Веќе се разговарани во детали и очекуваме наскоро да почнат да се реализираат. За неколку од мерките што се предвидени во петтиот пакет секако дека треба да има и законски решенија, имајќи предвид дека неколку од уредбите веќе се завршени, а дополнително на тоа согласно начинот на кој се дизајнирани мерките ќе треба да донесеме и нови закони, рече Бектеши.
Според него, од начинот на кој претходно се реализираа мерките може да се заклучи дека некаде во првата половина на март ќе имаат можност сите компании да аплицираат за различните мерките кои ќе бидат презентирани.
Во петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите од ковид-кризата.