Атлетичарот Роберто Димитриевски на битолскиот маратон го подобри личниот рекорд на трката на 5 километри
Со време од 16:29 минути на 5 километри на трката „Трчај бе“, што на 22 септември, се одржа во Битола велешкиот и македонски атлетичар Роберто Димитриевски од АК „ВЕЛЕС“ од Велес го освои третото место и бронзениот медал. Toa што е уште поважно за него е што го поправи сопствениот рекорд од 16:40 минути, постигнат минатата година на трката во Кичево. Првото место на оваа трка на 5 километри го освои Григоријан Никовски , а втор беше Бојан Чаприќ двајцата од АК „Делта“ од Скопје.
Инаку Роберто Димитриевски, во Велес, годинава во јуни, на трката „Трчаме за Рацин“, на 5 километри беше второпласиран. Тој тогаш на целта стигна пред Григоријан Никовски кој беше третопласиран.
Роберто се заблагодарува на сите кои го подржуваат и бодрат на секоја трка и на секојдневните тренинзи во Градскиот парк, а најмногу на своето семејство кое е секогаш со него, на сите трки и на секој начин го бодри и подржува, да успее на напорните трки и тренинзи.
Роберто за Дума.мк потенцира дека најмногу се радува на децата кои го бодрат и сакаат на целта да му честитаат како и радосни се да се сликаат со него, при тоа велејќи му дека е нивни идол.
-Прекрасно е чувството да бидеш идол на децата и тоа на најубав можен начин, преку спортот, односно преку кралицата на спортовите, атлетиката, во дисциплината трчање. Среќен сум ако барем едно дете, а уште повеќе среќен доколку повеќе и се’ повеќе деца со својот пример сум ги поттикнал на атлетика односно на спортување. Во здрав тело здрав дух многу важно е за правилен раст и развој на децата кои растат и се развиваат. Воедно и уште повеќе што преку активно спортување и здрав начин на живот ќе се отргнат и од пороците на денешницата . Преку спортот се поттикнуваат и на дружење со други деца. Тоа значи помалку седење пред компјутери и телефони, потенцира Димитриевски.
Тој деновиве напорно вежба во Градскиот парк во Велес и се подготвува за Скопскиот Визар Маратон 2024 што ќе се одржи на 6 октомври, а потоа и на други трки што ќе се одржат во повеќе градови во земјава, скоро секој викенд, до крајот на годинава.
Убавка Јаневска