Борел: Западен Балкан ќе добие 651.000 вакцини Фајзер, за БиХ 214.000 дози
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел потврди дека Западен Балкан ќе добие 651 000 дози вакцини од компанијата Фајзер. Најголем број ќе пристигне во БиХ – 214 000 дози.
Станува збор за набавка на вакцини преку Европската комисија, а под координација на Австрија. Ова било кажано за време на разговорите на високиот претставник на ЕУ со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Сефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, пренесуваат медиумите во БиХ.
Членовите на Претседателството на БиХ и високиот претставник на ЕУ, Борел, разговарале за актуелната политичка состојба во регионот на Западен Балкан.
Западен Балкан ќе биде една од главните теми на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи на 10 мај во Брисел.