За случајот со повредениот ученик во ООУ„Блаже Конески“, од вчера увид врши oпштинската просветна инспекторка и во училиштето бил Државен просветен инспектор
Општинската просветна инспекторка Македонка Виларова од вчера врши увид во документите и преку разговори со в.д директорката, класниот раководител, наставниците и педагошко психолошката служба, дојавија вработени во училиштето. Тие на Дума.мк и соопштија дека Виларова скоро пет часови била присутна во зградата на основното училиште. Од тоа што можеле да слушнат, овие извори на информацијата, инспекторката барала детално да и се пренесе што точно се случило во училницата а што во ходникот каде повредениот ученик, според пишување на родители на деца од истото одделение на Фејзбук се случило „ученикот да го фати во пределот на вратот и да го притиска повредениот ученик“, „како повредениот ученик паднал“ но и за тоа „каде бил дежурниот наставник во ходникот“ кога се случил настанот. Инспекторката исто така реагирала зошто за случајот не била информирана Општина Велес, која има ингиренции над училиштето.
Виларова за Дума.мк потврди дека вчера започнала и денеска продолжува но, во интерес на инспекцијата и особено истрагата на надлежните институции рече дека не може да открива детали.
Како што дознава Дума.мк во текот на вчерашниот ден во училиштето бил и Гордан Стојковски, државен просветен инспектор. Тој се задржал многу пократко од Виларова.
Според соопштението за јавност на основното училиште, за случајот од пред два дена, со тешко повредениот ученик од седмо одделение во ООУ „Блаже Конески“ исто така е информиран и Центар за социјални работи Велес. Дума.мк денеска оствари контакт и со оваа институција која исто така се вклучила согласно надлежностите кои ги поседува.
Здравствената состојба на повредениот ученик, денеска, била подобра но детето и понатаму ќе остане на иследување и на болничко лекување во Клиника за Неврологија. Вака одлучил тимот на лекари специјалисти кои го следи детето од неговиот прием, во средата на 20 ноември, како итен случај транспортиран од ЈЗУ Општа болница Велес.
Убавка Јаневска