Препораката за ЕУ неизвесна до последен момент

Објавено: 30 октомври, 2015, во 08:17 часот

Домашните експерти не знаат дали Македонија ќе добие „условена препорака“, но се надеваат дека препораката сепак нема да изостане, заради последиците за Македонија од таков преседан, пишува Дојче веле.

Пет дена пред објавувањето на Ивештајот на ЕК за напредокот на Македонија, се множат прогнозите дали Македонија ќе ја задржи или изгуби препораката за преговори со ЕУ.

„Со оглед на компликуваната политичка ситуација, Македонија овој пат ќе добие ‘условена препорака’ за старт на преговори за членство во ЕУ“, објави вчера „Нова ТВ“, повикувајќи се на неименувани извори. Условот би бил спроведување на Договорот од Пржино, со можност ЕК да направи и нов извештај посветен на Договорот, во првата половина на 2016 година. Ако тоа се случи, би бил прв таков случај во историјата на проширувањето на ЕУ.
„Се е преседан. Колку што би било преседан одземање на препораката или давање ‘условена препорака’, толку би било преседан и добивањето на седма препорака без никаков чекор напред“, се првичните коментари во јавноста.

Република Македонија беше првата земја што во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а кандидатскиот статус го доби во 2005 година. Годинава „одбележува“ неславен јубилеј: една деценија тапкање во место.

Превенирање на нова „ролна“

За препорака „условена“ со политички дијалог интензивно се зборуваше и во 2014 година, но тоа не се случи. Неизвесно е дали сега ќе биде имплементирана ваквата „формула“ за која тогаш размислувал еврокомесарот Штефан Филе и неговиот тим, откако ВМРО-ДПМНЕ им се „заблагодари“ за медијаторството во договорените решенија за надминување на причините што доведоа до „црниот понеделник“, со тоа што ги поистоветија со ролна „тоалетна хартија“? Дали со евентуална условена препорака сега ќе се превенира можноста и од Пржино да се стркала уште една таква „ролна“?

Експертите не се сигурни дали е можно такво решение, со оглед дека секој Извештај на ЕК посочува на исполнување на одредени обрски како услов за достигнување на неопходните стандарди. Но, сепак, не исклучуваат и таква формулација.

Оваа година препораката е неизвесна до последниот момент, вели Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје. „Најверојатно ќе се направи уште еден обид таа да се задржи, со тоа што ќе се врзе или ќе се услови со исполнувањето на Договорот од Пржино. Внимателноста со која Комисијата и приоѓа на одземањето на препораката е разбирлива – и заради последиците за Македонија, и заради тоа што Комисијата сака да избегне таков преседан во проширувањето. Понеизвесно е во која мера оваа евентуална условеност ќе допре до премиерот, кого амбасадорите на држави членки на ЕУ директно го посочија како одговорен за блокадата во спроведувањето на Договорот. Иако навидум изгледа дека не се губи многу, зашто препораката е всушност ‘замрзната’, самиот чин на одземање би значел санкционирање на Владата и би го отежнал враќањето на државата на европскиот колосек“, смета Јорданова.

Текстот во целост прочитај го тука.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.