„Етно вешта жена“ по десетти пат во Велес

Објавено: 16 октомври, 2015, во 10:31 часот

Солени и слатки торти, погачи, пити пастрмалии и уште многу други производи подготвени на традиционален начин од креативните раце на вештите домаќинќи, вчеравечер беа изложени на јубилејното десетто издание на манифестацијата „Етно вешта жена“ во Велес. Со невообичаени и мошне интересни креации најголемо внимание привлекоа неколкуте торти и книгата на учесничката .Борка Танева, подготвена од мртво тесто.

„Книгата ја направив од тесто. На неа се испишани стихови од песна на Кочо Рацин. Направив солена торта, штрудла, пита пастрмалија и бушави колачи. Учествувам повеќе години на оваа манифестација и освен што ја презентираме нашата креативност, имаме можност да се дружиме и спријателуваме, рече Танева.

„Четврти пат учествувам на Етно вешта жена. Тоа што манифестацијата има хуманитарен карактер секогаш ме поттикнува да учествувам и да бидам дел од неа“, рече Силвана Мудроња.

Манифестацијата Етно вешта жена има хуманитарен карактер. Парите собрани од продажбата на подготвената храна ќе бидат наменети за децата со посебни потреби.

„Годинава решивме парите од продажбата на подготвената храна да ги искористиме на малку поинакков начин. Во секој град ќе ги собереме децата со посебни потреби и за нив ќе приредиме забава во некој од рестораните на денот посветен на нив, 3 декември. Заедно со нив, но без нивните родители ќе се дружиме и ќе се забавуваме а ќе има подготвено и по некој подарок за нив„, рече претседателката на Здужението „Вешта жена“, Снежана Стојановска.

На јубилејната манифестација„ Етно вешта жена“ од продажбата на храната се собраа десет илјади и осумстотини денари./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.