ВМРО ДПМНЕ не ги прифати барањата на ДУИ
Во писмено соопштение, владејачката партија нагласи дека нема да дозволи промена на Уставот и продолжување на мандатот на СЈО.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати барањата што ги испорача Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Официјално се` уште незапочнатите преговори меѓу двете партии наидоа на сериозна пречка, односно две од четирите точки што централното претседателство на ДУИ вчера ги формулираше како услови за кои нема преговарање, денеска не поминаа кај лидерот на партијата Никола Груевски и кај останатите од раководството.
Станува збор за употребата на албанскиот јазик како службен, и за продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кои фигурираат на листата приоритети на ДУИ, покрај интеграцијата во ЕУ и во НАТО.
Во писмено соопштение, ВМРО-ДМНЕ вели дека нема да преговара и да дозволи промена на Уставот, со воведување двојазичност на целата територија на Македонија, како и продолжување на мандатот на СЈО.
„Независно од исходот околу составување влада во следниот период, независно дали ќе се формира и кој ќе ја формира, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговараат, ниту пак ќе дозволат промена на уставниот поредок“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се забележува и работата на СЈО, за кое се вели, дека е политички инструмент во рацете на еден центар за моќ.
„СЈО е алатка со која се деградира и негира суверенитетот и независноста на македонската држава. СЈО не е независно и непристрасно, и нема никаква врска со правото и правдата. Тоа е инструмент за продолжување на кризата и држење на Македонија во заложништво“, велат од партијата на Груевски.
На ова реагираше ДУИ, која повика да се преземаат рационални, а не емотивни проценки.
„Затоа што според интегративците, употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот Договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно“, реагираше ДУИ, додавајќи дека СЈО инсистирала на транспарентно затворање на процесот, преку целосно обелоденување на скандалот со масовното и незаконско прислушување, како и преземање одговорност.
Извор: VOA