Извештајот за падот на авионот на претседателот Трајковски испратен во Македонија
Објавено: 28 ноември, 2014, во 08:55 часот
До властите во Македонија е испратен извештајот за падот на авионот во кој во 2004 година во Босна и Херцеговина загина претседателот Борис Трајковски. Изјавата на шефот на истражниот тим за утврдување на причините за авионската несреќа Омер Кулиќ ја пренесе агенцијата Срна.
До средината на декември извештајот ќе биде подготвен и за претставување пред јавноста во БиХ, рекол Кулиќ. Како што пренесе ТВ Ал Џезеира Балкан шефот на истражниот тим рекол дека тоа е меѓународна обврска.
– Ги чекаме нивните коментари кои ќе пристигнат во текот на наредната седмица, по што извештајот во завршна форма ќе биде отпечатен, додал Кулиќ.
Според претходни најави на Кулиќ, извештајот, прво ќе биде предаден на Советот на министри и на главниот обвинител на БиХ. Потоа, ќе биде проследен до македонските власти и македонскиот главен јавен обвинител.
Босанските медиуми пренесоа дека тимот на Кулиќ во целост успеал да ја утврди причината за падот на авионот и загинувањето на македонскиот претседател Трајковски.


