Пцовки, закани и навреди на денешното судење за платеното убиство во Ореше

Објавено: 3 ноември, 2014, во 14:45 часот

Навредливи зборови, пцовки и дофрлувања денеска „паднаа“ во судницата во велешкиот суд на која се одржуваше рочиште од судскиот процес Ореше. Пред судијката Тања Милевска која го води случајот, јавниот обвинител Славица Темелковски и бранителите на обвинетите за убиството на старецот, вербално се пресметаа сведокот Вељо Арсовски и второобвинетиот Ѓоре Петровски.

Ваква пресметка предизвика исказот на сведокот Арсовски кога тврдеше дека Петровски му се јавил од Америка и побарал да му даде апче на Милошовски. Тој го дополни првично дадениот исказ од 2011 и 2013 година велејќи дека Златко Арсовски додека бил во затвор го повикал наводно да му каже кои се убијците на старецот Лазо. Тогаш тој по барање на јавното обвинителство во Скопје добил дозвола да го посети Арсовски па дури и да го снима со камера разговорот со него. Но пред поротата не кажа кој му дозволил да го посети и снима Арсовски.

Според Ѕвонко Давидовиќ бранител на браќата Ѓорѓиевски, сведокот Вељо Арсовски на денешното рочиште бил  селективен и давал одговори само на оние прашања на кои нему му одговарало. Тој побара парично да се казни сведокот и се закани со напуштање на рочиштето.

„Тажно е што вака се одвиваат судките процеси. Наместо да ги гледаме материјалните докази ние се изнашлушавме секакви глупости и како некој како Џемс Бонд влегува во затвор и снима затвореник. Ова е научна фантастика,“ рече Давидовиќ.
На денешното рочиште како сведок се појави и Сашко Петровски, кој исто така според бранителот Давидовиќ даваше контрадикторни изјави. Инаку тој бил единствениот сведок кај кој истрагата веднаш по убиството  открила нитратни честички на џемперот што го носел. Но токму околу тој џемпер денеска се заплеткуваше случајот.

„Досега тој тврдеше дека џемперот бил негов и дека само тој го носел, но денеска кажува дека бил на неговиот брат и дека тој му го дал. Тој е единствениот човек кај кого се пронајдени опипливи траги, дента по убиството,“ рече Давидовиќ.

На денешното судско рочиште требаше да сведочат и уште неколкумина сведоци меѓу кои и Златко Арсовски, поранешниот заштитен сведок „Бреза“кој не се појави во судницата. Нему по барање на јавниот обвинител неодамна велешкиот суд му одреди мерка притвор во траење од триесет дена поради тоа што подолго време не се појавувал на рочиштата на три судски процеси. За денеска тој бил уредно поканет, ја примил судската покана. Следниот претрес за случајот Ореше е закажан за први декември годинава./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.