Нафта има за уште седум дена, кризата е на повидок!
Објавено: 8 февруари, 2017, во 17:40 часот
Компаниите со денови алармираат дека трпат милионски штети од затворената граница со Грција. Денеска и компанијата ОКТА алармираше дека состојбата секојдневно се комплицира и веќе се доведува во прашање снабдувањето со мазут на најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК „Битола“, пишува Плусинфо.
За разлика од компаниите, институциите се рамнодушни на проблемот, а надлежното Министерство за економија смирува дека состојбата ќе се реши, но и дека е тоа интерен проблем на Грција. Дополнително ништо не се прави во однос на активирањето на нафтоводот кој би го решил проблемот со снабдувањето со нафта и деривати.
Сите се во исчекување што ќе произлезе од средбата на земјоделците и грчката Влада закажана за петок. Лошиот исход од оваа средба дополнително ќе го искомплицира снабдувањето со нафта и деривати во земјава и дотурот на суровини за повеќе компании.
Најголемиот снабдувач со нафта и деривати во земјава ОКТА, иако има резерви на нафта и деривати за седум дена и со дозвола на регулаторите може да ги искористи законските резерви за уште за пет дена, тврди дека и по цена на големи загуби нема да дозволи застој во снабдувањето со нафта и деривати на македонскиот пазар. За тоа ќе ги искористи сите алтернативи кои и се на располагање.
– И покрај проблемите кои се појавија поради протестите на грчките земјоделци, ОКТА подготви план за соодветно снабдување на земјата. Ги информираме нашите потрошувачи дека, и покрај зголемените трошоци, ќе продолжиме да го снабдуваме пазарот на гориво, користејќи ги сите можни алтернативни начини. Исто така, би сакале да забележиме дека веднаш штом добиеме дозвола, подготвени сме да продолжиме да увезуваме гориво преку нафтоводот кој ги поврзува капацитетите во Скопје со рафинеријата во Солун, проект кој дава дефинитивно решение за непречено снабдување на земјата со течни горива – изјави Јанис Геруланос, генералниот директор на ОКТА.
Според одговорните во компанијата, најпроблематично е снабдувањето со мазут и дизел, бидејќи Македонија има најстроги критериуми за квалитетот на мазутот, па увозот мора да се врши само од Грција, а на удар е најголемиот потрошувач на мазут во земјава, РЕК „Битола“, кој има резерви само за два дена.
За ОКТА наједноставна алтернатива за увоз на нафтата и дериватите од Грција е нафтоводот, но тој сè уште ја нема потребната дозвола за преност на дизел иако првичната лиценца на нафтоводот е за пренос на сурова нафта и деривати. Неофицијално, власта калкулира со издавањето на лиценцата во разговорите за надминување на грешките направени при приватизацијата на ОКТА и обврската земјава да купува одредени количини мазут. Нафтоводот не е во функција од затворањето на рафинеријата ОКТА. Со него оперира компанијата „Вардакс“ која 80 отсто е во сопственост на „Хеленик петролеум“, а 20 отсто на Република Македонија.
Во услови кога не функционира нафтоводот, велат од компанијата, наједноставно е да се оспособи граничниот премин Дојран кој инаку не е подготвен за увоз на акцизна стока. Институциите се информирани но треба да обезбедат технички услови за увоз на акцизна стока.
ОКТА, како што информираа денеска, преку своите партнери веќе направила контакти со бугарските власти за обезбедување транзитна дозвола за пренос на нафта и деривати. Првите неколку камиони се преминати преку преминот во Делчево.
Последната алтернатива за увоз од ОКТА ја гледаат во албанското пристаниште Драч во кое ќе треба да се пренасочат танкерите од Грција.
Компанијата не гледа алтернатива во превозот на потребните количини на горива преку железничкиот превоз кој не само што не е сигурен, туку и располага со мали можности за преноз на ваков вид стока.
На македонскиот пазар ОКТА обезбедува 80 отсто од потребите на нафта и деривати. Остатокот се обезбедуво од „Лукоил“ и помалите компании.
Од ОКТА стравуваат дека со продолжувањето на кризата, може да биде доведено во прашање снабдувањето со мазут на РЕК „Битола“ кој е најголем потрошувач и предлагаат во такви услови да се искористи алтернативата активирање на државните резерви на нафта и деривати.
Од ЕЛЕМ пак, денеска ни изјавија дека моментално снабдувањето со мазут на РЕК „Битола“ се одвива нормално.
– Снабдувачот ги реализира испораките, според договореното и не би требало да има проблем со снабдувањето во наредниот период – велат од ЕЛЕМ.
Од компанијата не ја исклучуваат можноста да побараат активирање на резервити иако, велат дека мазутот го користат само во услови кога јагленот не го задоволува квалитетот.
Македонските власти дури вчера се активираа околу проблемот. Министерот за економија Дритон Кучи најави интензивирање на разговорите за надминување на кризата.
– Ќе спречиме да има таква криза. Вчера од Секторот за енергетика ми укажаа дека веќе треба да се справиме со можната нафтена криза. Во услови кога веќе имаме една криза која влијае на економијата нема да дозволиме да имаме уште една криза. Веќе ги интензивиравме состаноците и се надевам дека брзо ќе најдеме решение – изјави вчера Кучи.
Царинската управа за Плусинфо изјави дека работи според актуелните одлуки на Владата во врска со изнесувањето и транзитот на акцизна стока.
– Секоја нова Одлука донесена од Владата во најбрз можен период ќе биде применета од страна на Царинската управа – велат од Царинската управа.
Од таму и со став во врска со очекувањата на ОКТА и на транспоретерите.
– Укажуваме на можноста за неколку алтернативни решенија за кои веќе компанијата ОКТА е информирана, како што се внесување на пратките со нафтени деривати на граничните премини Делчево и Ново Село, но и можноста за користење на железничкиот транспорт на железничка станица Гевгелија, која веќе се користи без проблем од други компании, а за тоа може дополнителни информации да се добијат од МЖ Транспорт – додаваат од Царината.
Царината информира и дека техничките услови на граничниот премин Стар Дојран, како од македонска така и од грчка страна, за прифаќање на цистерните со нафта се значително понеповолни од постојните на Богородица, а и севкупната инфраструктура на пристапните патишта од двете страни ќе придонесе до значителни потешкотии во одвивање на стоковиот и патничкиот промет бидејќи се работи за дневно по стотина цистерни со нафта.
– Многу е важно што патот до граничниот премин Дојран води низ населени места Нов и Стар Дојран кои се многу блиску до граничниот премин и севкупните услови за работа би биле крајно ризични и би имале обем на сообраќај далеку поголем од капацитетот на пристапните патишта, што секако мора да се има предвид доколку со гореспоменатата Одлука во иднина биде определен и овој премин – велат од Царинската управа.
За решавање на новонастанатата ситуација веќе реагираше Стопанската комора која побара грчките комори да се ангажираат за побрзо надминување на кризата, а реагираше и Сојузот на синдикатите кој ги повика грчките синдикати исто така да се ангажираат побрзо да се реши проблемот.
Извор: Плусинфо

