Од Велес до Сиднеј: Со „Велешка пастрмајлија“ се негува македонската кулинарска традиција и во Австралија

Објавено: 11 октомври, 2026, во 11:18 часот

Додека во Велес се организира традиционалната манифестација „Велешка питијада“  семејството Велјанови во Сиднеј, Австралија, и годинава по четврти пат, го отвора својот дом за во него каде во топол и скромен домашен амбиент заедно со семејствата Крстевски, Џипунови, Цилакови, Алексови како и други блиски пријатели, да подготват велешка пастрмајлија. Целта е да се зачува еден мал, но значаен дел од македонското традиционално кулинарско наследство.

Овие семејства, кои се илјадници километри далеку од родната земја, си организираат заедничка средба, во домашен амбиент, за да ги одржат спомените на манифестацијата во родната земја. Тие во исто време уживаат во подготовката и особено  мирисот на свежо печена пастрмајлија кои што се причина да поминат еден ден сите заедно собрани околу традиционалната македонска трпеза.

Домаќините, Ирена и Сашко Велјанови, велат дека и годинава ги отварија вратите на својот дом за оваа едноставна, но особено драга традиција.

-Без големи свечености и формалности, во духот на македонското гостопримство, се собравме сите пријатели од Сиднеј и од Камбера, и заедно поминеме еден ден во подготовка на домашна храна. Притоа се дружевме и низ разговори се потсетиме на родниот крај. Се разбира, главната причина на нашата дружба беше велешката пастрмајлија, препознатливиот специјалитет на градот Велес, со својата карактеристична форма, меко тесто и традиционален фил од месо. Нејзината подготовка и годинава беше заедничко задоволство, од месење на тестото, неговото стасување,  развлекување и печење или се до моментот кога топлите пастрмајлии се изнесоа на трпезата. Во подготовката, особено драгоцено е пекарското искуство на Ана Крстевска, која придонесува за успешно продолжување на оваа традиција, рече Ирена Велјанова.

Но, она што за сите нив ја прави оваа традиција посебна не е само храната туку и разговорите во кујната, смеата, помошта при подготовката на пастрмајлиите и чувството дека иако далеку од Македонија, живее дел од нејзината топлина во секојдневието на македонските семејства во Австралија.

-Семејствата Крстевски, Џипунови, Цилакови Алексови и другите пријатели се неизоставен дел од оваа дружба. Тие придонесуваат, секој на свој начин, кон нејзината непосредност и убавина. За Македонците кои живеат далеку од татковината, ваквите домашни собири имаат особено значење. Тие не се само можност за дружење, туку и природен начин за пренесување на традициите на помладите генерации, преку вкусовите, приказните и обичаите што ги поврзуваат со нивните корени, додава Велјанова.

Искуството на овие семејства, четврта година, покажува дека за зачувување на културното и кулинарско македонско наследство не се секогаш потребни големи настани. Доволни се  отворена врата на еден топол дом, неколку добри пријатели и трпеза подготвена со љубов.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.