Интегрален текст од заклучоците на Самитот во Берлин
Берлин, 28 Август 2014
Сто години по почетокот на Првата светска војна, претседателите на владите, министрите за надворешни работи и за економија на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, поранешната Југословенска Република Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија, како и претставници на Европската комисија, следниот организатор Австрија, и Франција, се состанаа во Берлин на 28 август 2014 на првата Конференција за Западен Балкан.
2014 – 2018: четири години на вистински напредок
1. Се согласуваме дека денешната конференција треба да обезбеди рамка за период од четири години, во кои ние ќе ги унапредиме нашите настојувања за да се направи додатен вистински напредок во процесот на реформи, во решавањето на исклучителните билатерални и внатрешни прашања и во постигнувањето на помирување внатре во, и помеѓу општествата во регионот. Исто така сме обединети со цел да се зајакне регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст.
2. Заедно одлучивме да одржуваме состаноци во истиот формат секоја година за време на наредните четири години со цел да ја спроведеме агендата договорена на денешниот состанок и да ја поддржиме таа цел преку други специфични проекти. Федералниот канцелар на Австрија понуди да биде домаќин на следната конференција во неговата држава во 2015. Тоа ќе обезбеди можност да бидат оценети почетните резултати. Планираме да продолжиме со нашата работа на прашањата кои имаат клучна важност за иднината на Западен Балкан на тековна основа за време на наредните конференции кои ќе се одржуваат до 2018.
Патот до иднината во Европа
3. Пред само петнаесет години, главни новости од регионот беа војни, протерувања и уништување. Сега е очигледно дека регионот направи големи достигнувања во однос на создавање на стабилност, развивање на добри соседски односи и модернизирање на владеењето, општеството и економијата.
4. Политиката на проширување на Европската унија одигра клучна улога во овие достигнувања. Сите држави во Западен Балкан се цврсто уверени дека нивната иднина се наоѓа во Европската унија.
5. Германската влада јасно ја истакнува својата поддршка за изгледите за европска интеграција на државите од Западен Балкан. Сите држави од Западен Балкан ќе имаат можност да се приклучат кон Европската унија доколку ги исполнат условите за пристапување. Германија е свесна за својата одговорност за мирна, стабилна и демократска иднина заснована врз владеењето на правото, и ќе продолжи да го поддржува регионот на неговиот пат кон ваквата иднина.
Интензивирање на регионалната соработка како суштинска основа
6. Сите учесници ја истакнуваат потребата за решавање на постојните билатерални прашања во најбрз можен рок во интерес на добрите соседски односи и зголемената стабилност во регионот. Премиерите на Србија и Косово ја повторија нивната определба за ревитализација на процесот за нормализирање на односите. Спорот со името помеѓу поранешната Југословенска Република Македонија и Грција е еден од исклучителните билатерални проблеми. Државите учеснички се согласија дека овој спор мора итно да биде решен со волја за компромис на сите засегнати страни. Каде што е возможно, државите мора да го употребат позитивното влијание на соседите на регионот за надминување на внатрешните политички предизвици. Ова особено се однесува на ревитализацијата на процесот на реформи во Босна и Херцеговина.
7. Државите од Западен Балкан денес ја изразија нивната волја за зголемување на меѓусебната соработка. Регионалните организации како Регионалниот совет за соработка ќе имаат важна улога во тоа.
8. Регионалната соработка треба да го вклучи и граѓанското општество. Во овој контекст, државите учеснички ја нагласија нивната едногласна желба за проширување на меѓунационалната размена, особено помеѓу младите.
Зајакнување на доброто владеење
9. Понатамошното подобрување на владеењето останува особен предизвик за младите демократии во Западен Балкан.
10. Земјите учеснички се согласија дека треба да бидат преземени понатамошни мерки за справување со корупцијата и организираниот криминал. Државите од Западен Балкан ја потврдија нивната подготвеност за донесување на понатамошни реформи со цел зголемување на правната сигурност во нивните држави, за одржување и зајакнување на независноста на нивните судства, и за поинтензивно прекугранично заедничко работење во регионални и билатерални структури.
11. Во плурална демократија, на опозицијата мора да и биде овозможено да ја врши својата улога во рамките на парламентот и исто така мора да сака да го прави тоа. Политички активно граѓанско општество исто така може да обезбеди конструктивна поддршка во однос на понатамошно зајакнување на демократските општества во државите од Западен Балкан, и на тој начин да ги приближи државите поблиску до ЕУ. Предусловите за тоа вклучуваат плурална медиумска сцена, независни синдикати и економија која може да ја исполнува својата улога како дел од општеството, ослободена од политичко мешање. Германија останува посветена на поттикнување на слободата на медиумите во регионот. Федералното министерство за надворешни работи одржува работилница за дванаесет водечки новинари од сите држави од регионот како дел од програмата во рамките на оваа конференција.
Зголемување на просперитетот преку одржлив економски раст
12. Одржливиот економски раст, а на тој начин и одржливото зголемување на просперитетот за доброто на граѓаните единствено ќе биде овозможено со отворени пазари и странски инвестиции. Позитивната инвестициска клима е особено важна за активноста на малите и средните претпријатија. Правната сигурност и политиката на нетолерантност кон корупцијата се значајни во овој контекст. Државите учеснички имаат за цел да ја подобрат соработката помеѓу агенциите за инвестиции, како и подобрување на начинот на кој тие комуницираат со германската агенција за трговија и инвестирање.
13. Државите од Западен Балкан треба да ги зајакнат нивните напори за надминување на моменталните дефицити на сметките. Германското стопанство ќе го поддржи засилувањето на извозот на регионот со започнување на иницијатива за набавки од Западен Балкан во 2015.
14. Конкурентноста мора да биде зголемена преку регионални вредносни ланци. Во овој контекст, иницијативата на германската бизнис заедница за одржување на конференција во Црна Гора во септември 2014 и активностите на Регионалниот совет за соработка во оваа област ќе направат конкретен придонес.
15. Државите учеснички се согласуваат дека европската енергетска политика го зголемува своето значење за државите од Западен Балкан. Регионалната соработка во рамките на Енергетската заедница за југоисточна Европа е важен составен дел, особено во однос на енергетската сигурност, целите за енергетска ефикасност и климатска заштита. Државите од Западен Балкан ќе продолжат интензивно да работат на понатамошен развој на енергетската заедница и на надминување на недостатоците во спроведувањето.
16. Државите учеснички го делат истиот став дека воспоставувањето на транспортна заедница во Западен Балкан може да обезбеди позитивен поттик за економски развој, преку подобрување на логистичките поврзувања на регионот со европските пазари каде побарувачката е висока. Истото важи и во однос на проширувањето на информатичката и комуникациската технолошка инфраструктура под сигурни услови.
17. Државите учеснички веруваат дека академското и стручното образование структурирано според потребите е суштинско за намалување на невработеноста на младите. Проектите на германската бизнис заедница за поддршка на стручното образование во државите од Западен Балкан помагаат во остварување на оваа цел.
18. Германија е подготвена да преземе понатамошни мерки во рамките на постојните програми за економска соработка и развој со цел да се поддржат државите во регионот во постигнувањето на најефективна употреба на европските мерки за доближување до ЕУ, преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Германската соработка за развој обезбеди сигурна поддршка за државите од Западен Балкан во изминатите 25 години и претставува составен дел на германските напори за приближување на државите до ЕУ и до европските стандарди
Извор: Нова ТВ