Педесет социјалци за два дена поднеле барања за отпис на долгови во Неготино
За само два дена во Центарот за социјални работи во Неготино се поднесени педесетина барања од корисници на социјална помош за отпис на долгови. Од оваа установи денеска информираа дека двојно поголем бил бројот на граѓани кои доаѓале да се информираат кои документи се потребни за оваа постапка.
Најголем дел од пристигнатите барања се однесувале на долгови за струја и радиодифузна такса, а со оваа поволност можат да бидат ослободени најзагрозените граѓани кои исто така имаат и долгови за кредитни картички, потрошувачки кредит и минуси на трансакциските сметки.
Од Центарот за социјални работи објаснуваат дека со ова мерка се опфатени три категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработените лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност како и потешка болести настанати во последните 5 години./А.Д