Пожар ги пеплосува имотите на велешани кај местата викани Саботна Вода, Трите Дола, Цариер и неконтролирано се шири
Објавено: 30 јуни, 2026, во 15:35 часот
Пожарот кој што избувна според првичните, непотврдени информации, на раскрсница на експресен пат Велес – Штип, автопат Велес – Градско и автопат Велес – Скопје, излезен е од контрола со ширење во повеќе правци. Огнот со еден крак тргнал кон место викано Саботна вода од каде се префрлил и на место викано Трите Дола а во моментов е многу близу и до место викано Цариер.
Дума.мк од граѓани кои се наоѓаат на местото на пожарот, на различни локации, воглавно покрај посочените експресен пат и автопатот, што се спомнати, дозна дека и покрај северниот ветер еден крак од пожарот се враќа назад кон експресниот пат, втор оди на исток, во правец кон село Каратманово, трет крак се шири во правец кон југ и село Караслари додека четврт се доближува кон автопат Градско – Велес.
Опожарена до овој момент е голема површина на сува трева, на лозја, на дрвја од овоштарници а настрадале пчелни сандаци додека од чадот не може да се види во каква состојба се изградените викендици, куќи и помошни објекти.
Очевидци за Дума.мк тврдат дека огнот поминал и покрај поставени фотоволтаици на две парцели.
Помогнат од ветерот кој што дува со голема брзина, пожарот не може да се контролира иако на лице место се велешките пожарникари како и голем број на граѓани, сопственици на имоти и земја. Тие бараат помош од Центар за известување и кризи како и од Дирекција за заштита и спасување за гаснење на пожарот од воздух.
Дума.мк го прашаше Центар за извесување и кризи дали е планирано гаснење од воздух. Оттаму одговорија:
„Согласно информациите од терен и согледувањето на состојбата, Центарот за управување со кризи (ЦУК), во координација со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), изрази подготвеност да помогне во гаснењето на пожарот со два воздухоплова на ДЗС.Сепак, нивното полетување од Аеродромот во Скопје ќе биде реализирано веднаш штом временските услови и контролата на летање ќе го дозволат тоа.“
Од Јавно комунално претпријатие „Дервен“ само што известија:
„Вработени од ЈКП Дервен им помагаат на пожарникарите во гаснењето на пожарот што зафати област со ниска вегетација во близина на градската депонија и обезбедена е цистерна за дотур на вода за гаснење на пожарот. Зголемен е и бројот на вработени на градската депонија со цел да се спречи пожарот да се префрли на самата депонија.“
И покрај густите облаци кои надвиснаа над Велес до овој момент дожд не заврна во градот и околината, каде се наоѓа жариштето и се шири пожарот.
Убавка Јаневска


