ДВ: Дијалог власт – опозиција, кој прв ќе попушти?
Власта очекува потег од Заев, а опозицијата од Груевски: обновувањето на дијалогот станува заложник на фактот дека ниедна партија не сака да остави впечаток дека „прва попуштила“, анализира Дојче веле.
Веќе еден месец нема никакви разговори ни на високо, ни на пониско ниво за продолжување на разговорите меѓу власта и опозицијата, кои треба да придонесат за прекин на опозицискиот бојкот на Собранието. Првата лидерска средба меѓу Никола Груевски и Зоран Заев доживеа фијаско на 24 јуни и разговорите беа прекинати, откако премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека за него е неприфатливо едно од барањата на СДСМ – формирање техничка влада, која по исполнување на другите услови ќе организира фер и демократски избори. Од тогаш до денес нема никаква средба меѓу двајцата лидери, а недостигот од тет-а-тет комуникација се компензира со „пробни балони“ кои ја тестираат подготвеноста на партиите за продолжување на разговорите.
Како што објавија медиумите, повикувајќи се на висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, власта би предложила опозицијата да раководи со Државниот Завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и со Агенција за медиуми. Партијата на Груевски била подготвена да разговара со социјалдемократите за овој пакет, но истиот извор вели дека во него не влегува барањето за формирање техничка влада. Ваквите информации во СДСМ ги протолкуваа како „обид на Груевски да глуми конструктивност“, и повторија дека преговорите може да почнат само под услов да се стават на маса сите барања на опозицијата.
Нема разговори
И додека во јавноста завладеа впечатокот дека сепак нешто се случува на темата „дијалог“, од штабовите на двете партии признаваат дека во моментов разговорите не се помрднати од мртва точка. Нема никакви разговори, вели заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и нагласува дека позицијата на социјалдемократите е кристално јасна.
На Македонија и се потребни преговори помеѓу власта и опозицијата, но само доколку тие значат договор околу суштински, а не козметички прашања. Токму поради тоа, СДСМ излезе со конкретни теми за кои сметаме дека мора да се дискутира: медиуми, изборни правила и избирачки список, попис, одвојување на државата од партијата и техничка влада која би ги организирала следните избори. Сѐ додека преговорите не започнат, брифинзите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат само купување време и производство на политичка магла“, децидна е Шекеринска.
Индикативен е фактот дека неделава во Македонија престојува Петер Ванхоут, белгискиот експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, кој од делегацијата на ЕУ во Скопје беше назначен да посредува во разговорите меѓу власта и опозицијата. Но, иако присутен, тој досега не побарал ниту одвоени, ниту заедничка средба со лидерите на двете партии. Дипломатски извори упатени во мисијата на Ванхоут, велат дека во овој момент тој и не мора да се сретне со партиските лидери, за да може да извлече консеквентни заклучоци дали има и какви се во моментов условите за продолжување на разговорите. Според нив, „на пример, фактот дека во отсуство на опозицијата е дадено зелено светло за важни прашања, како што се измените на Уставот, е еден од индикаторите кој ја портретира атмосферата, зрелоста, искреноста и подготвеноста за разговори“.
Текстот во целост прочитај го тука.