Во Неготино се прскаше против комарци и скакулци
Ноќно машинско прскање против комарци и скакулци се изврши во Неготино. Беше опфатена цела територија на општината, а прскањето го извршија стручни лица од Центарот за јаво здравје Велес и вработени во локалната самоуправа.
Од локалната самоуправа информираа дека приоритет при прскањето бил даден на централното градско подрачје и градскиот кеј, течението на реката Вардар, селата Криволак, Војшанци и Тремник, просторот кај депонијата, односно се опфатиле сите локации кои се сметаат за критични за појава и присуство на кормарци.
„Се прскаше со препаратот аква-котрин кој се смета за најефикасен при уништувањето на комарците, а оваа активност беше спроведена согласно годишната Програма за работа на локалната самоуправа за преземање мерки за заштита на населението од заразни болести и оперативниот план за дезинсекција, дезинфекција и дератизација на територијата на нашата општина. Имајќи предвид дека во овој период е забележано и масовно присуство на скакулци на ова подрачје, стручниот тим од Центарот за јавно здравје од Велес изврши и прскање со употреба на препарати за уништување на скакулците“ рече портпаролот на општина Неготино, Методи Митрев.
Тој нагласи дека за 3 недели ќе биде извршено уште едно прскање против скакулци.