Груевски не прифаќа техничка влада
Владата тукушто е формирана и турбо работи, затоа барањето за техничка влада од опозицијата е сосема неприфатливо, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по денешната средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Според оценката на Груевски, разговорите течеле коректно, додека некаде пред крајот на разговорот Заев не го иницирал прашањето за техничка влада.
„На неколку минути пред самиот крај г-динот Заев побара од мене денеска во изјава да потврдам дека прифаќаме формирање на техничка влада, што за мене беше изненадување. Ми личи дека некој го посоветувал на таква работа. Нормално јас тоа не го прифати“, рече Груевски.
Тој вели дека е подготвен да разговара за останатите прашања поставени од опозицијата. Засега ниту Заев ниту Груевски не прецизираат дали и кога ќе има нова средба. Лидерот на СДСМ и ја препушти иницијативата на владејачката партија, а од ВМРО-ДПМНЕ пак ќе направат внатрепартиска анализа пред да донесат одлука дали и како ќе продолжи дијалогот за излез од политичката криза.
Заев претходно истакна дека разговорите запнале на барањето за техничка влада, па откако Груевски го одбил, останатите прашања што има намера да ги покрене опозицијата воопшто не дошле на дневен ред.