Дојче Веле: Инаугурацијата на Иванов – главен тест за преговарачките позиции на ДУИ
Досега не е идентификувана некаква форма преку која ДУИ пост-фестум би можела да покаже „наклонетост“ кон претседателот, а да не ја посипе со пепел комлетната партиска политика по тоа прашање, пишува Дојче Веле.
Инаугурацијата на претседателот Ѓорге Иванов ќе биде главен тест за тоа како ќе се одвиваат започнатите преговори со ДУИ за состав на новата влада, брифираат партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ. Најдоцна до идниот понеделник, 12 мај, кога истекува претходниот претседателски мандат, треба да се одржи седница за инаугурацијата на Иванов за вториот мандат. На седницата нема да присуствуваат 34-те пратеници на коалицијата на СДСМ која и со нотарски изјави го формализира враќањето на мандатите. Не се очекува ни присуство на ДУИ, која уште пред изборите најави дека нема да го признае легитимитетот на претседател, кој не е избран според принципот на консензуалност. Тоа го покажа и при доделување на уверението од ДИК, кога Иванов беше бојкотиран од заменикот- претседател на Комисијата од редовите на ДУИ, Субхи Јакупи.
Подалеку од надлежностите на претседателот?
Во ДУИ не сакаат јавно да зборуваат, но навестуваат дека „признавањето на легитимитетот на Иванов, би бил ‘самоубиствен чекор’ за партијата, откако целата кампања ја поминаа во објаснување на новиот концепт за избор на претседател, а бојкотот на претседателските избори стана еден вид референдумско изјаснување во корист на таа идеја“. Неофицијално, од ДУИ се очекува да најде начин да го признае легитимитетот на Иванов, особено ако планира да добие ресори директно поврзани со надлежности на шефот на државата, како на пример, Минстерството за одбрана. Досега, не е идентификувана некаква форма преку која ДУИ пост-фестум би можела да покаже „наклонетост“ кон претседателот, а да не ја посипе со пепел комлетната партиска политика по тоа прашање. Иако ДУИ засега „бега“ од ресори поврзани со претседателот, нема одговор на прашањето како би функционирал односот со него, ако биде прифатено нивното барање да ја добијат функцијата претседател на Собранието, кога се знае дека во одредени ситуации спикерот го заменува шефот на државата. Ова се и дел од причините поради кои, според извори од двете партии, преговорите за состав на новата влада нема да бидат лесни, иако сега се во фаза на утврдување само „на генералните принципи и насоки“, а дури потоа за конкретна поделба на ресори. Се навестува дека ДУИ ќе добие многу помалку од претходниот мандат, без оглед што сега има повеќе пратеници. ВМРО-ДПМНЕ во евентуална коалиција со ГРОМ би имала 62 пратеника, а маневарскиот простор на ДУИ го стесни ДПА, која без никакви барања се стави на располагање за поддршка на новата влада, со што им ја симна преговарачката цена на интегративците.
Текстот во целост прочитај го тука.