Кампањата за претседателски избори почнува во понеделник

Објавено на 21 март, 2014 во 15:58

Кампањата за претседателските избори започнува на 24 март во понеделник. Партиите ги прават последните подготовки пред стартот на интензивните средби со граѓани и митинзите. Од нивните штабови информираат дека овој пат кампањите ќе бидат поинакви од претходните.

ВМРО-ДПМНЕ во понеделник претседателската кампања ќе ја започне во Охрид, од каде редовно ги започнува своите изборни активности. За време на дваесетдневната кампања за претседателските избори и скратената за пет дена за предвремените парламентарни избори, партијата ќе одржи повеќе митинзи, како и мали митинзи и средби со граѓаните од целата држава. Кандидат за претседател на партијата е актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов.

Од СДСМ информираат дека кампањата за претседателските избори во понеделник ќе ја започнат со Конвенција што ќе се одржи во Универзаланата сала. Ќе го промовираат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Од опозициската партија велат дека овој пат кампањата ќе биде поинаква од претходните и дека повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓани, но оти ќе има и митинзи. Застапени се и на интернет, а ги користат и социјалните мрежи.

ГРОМ и кандидатот за претседател Зоран Поповски кампањата ќе ја почнат во Лептокарија, во Општина Карпош во Скопје, каде во 19 часот ќе одржат голем централен митинг. Партијата, како што велат, ќе води исклучиво позитивна кампања, без навреди и говор на омраза. Застапени ќе бидат сите форми на комуникација со граѓаните. Поповски, а потоа и носителите на листите за предвремени избори ќе имаат свои фан страници на Фејсбук, твитер профили…

Од ДПА исто така најавуваат друг тип на кампања, со повеќе средби со граѓани и без масовни митинзи. Како што велат, повеќе ќе се оди на принципот од врата до врата. Нивен кандидат е Илјаз Халими, кој во понеделник во 18 часот заедно со своите сопартијци ќе се претстави на митинг во скопски Чаир.

Првиот круг на петтите претседателски избори ќе се одржи на 13 април, додека вториот круг од изборите на 27 април, за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Листите на кандидати за пратеници до ДИК треба да се достават најдоцна до 29 март.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.