ГРОМ: Со соседите нема нерешливи прашања
Во срдечна и работна атмосфера, вчера во седиштето на мисијата на ЕУ во Македонија, во Скопје, кандидатот за претседател на државата на Граѓанската опција за Македонија Зоран Поповски се сретна со шефот на мисијата на ЕУ, Аиво Орав и неговите политички советници.
Целта на оваа прва заедничка средба, освен меѓусебното запознавање беше и размена на мислења околу претстојните претседателски и парламентарни избори. Господинот Орав се интересираше за неколку актуелни теми во политичкиот живот во Македонија,како и за главните пораки кои кандидатот на ГРОМ за претседател ќе ги упати кон граѓаните.
– Целта на ГРОМ е на политичката сцена и преку мене како претседателски кандидат да го ставиме граѓанинот во центарот на вниманието, наспроти, како досега политичките партии.
Меѓу императивите кои ги посочи Поповски се најдоа етничката стабилност, толеранцијата и соживотот на различни конфесионални и етнички заедници, односно синтагмата да се научиме да живееме „едни со други, а не едни покрај други“.
– Моја цел е да направам судството да биде надвор од влијанието на политиката, да се врати политичкиот дијалог во земјата кој евидентно изостанува.
Според мене, нагласи во разговорот Поповски, примерите од соседството говорат дека нема нерешливи прашања. Ако пред неколку години некој речеше дека Сербија и Косово ќе седнат и ќе се договорат, или пак Србија и Хрватска ќе ги надминат споровите, ќе го наречеа неразумен, но денес сето тоа се потврди.
Во таа насока и ние во Македонија можеме да изнајдеме начин да ги надминеме недоразбирањата со сеседите спуштајќи ги од повисокото политичко на едно пониско, секојдневно ниво, реалниот живот, преку негување на заедниките интереси.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Орав рече дека Европската унија со внимание ќе ги следи овие избори и изрази надеж дека тие ќе поминат во демократски дух.