Денеска напладне ќе се распишат парламентарни избори
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски денеска на пладне ќе ги распише предвремените парламентарни избори. Одлуката за распуштање беше донесена вчера едногласно од сите 117 присутни пратеници кои се изјаснија позитивно по иницијативата на ДУИ.
На 27 април ќе се гласа за нов парламентарен состав заедно со вториот круг за избор на шеф на државата, а кампањата за предвремените парламентарни избори стартува на 7 април.
Ова ќе бидат трети предвремени парламентарни избори во Македонија, по оние во 2008 и во 2011 година. По вторпат граѓаните во исто време ќе избираат претседател на државата и пратеници во Собранието. Претходно тоа се случи пред точно 20 години, во 1994 година кога се одржаа првите парламентарни избори по прогласувањето на независноста на Македонија и првите непосредни претседателски избори. Но, тогаш и на парламентарните избори се гласаше во два круга, по мнозинскиот модел.