ВМРО ДПМНЕ: Mанчевски и Дамјановски раскинете го договорот или оставки
ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со два предлози за скандалот со паркизните во Куманово до Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и до кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц,јави Нова ТВ.
„Првиот предлог е да го раскинат договорот, и тоа да го раскинат од етички причини.
Доколку не го направат тоа, вториот предлог е да ја понесат политичката и морална одговорност и да си поднесат оставки од нивните функции. Манчевски од Потпретседател на СДСМ, а Дамјановски од Градоначалник на Куманово“, рече денеска Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ.
– Би сакале да потенцираме, рече Димовски, дека ние повеќе би посакувале тие да го раскинат договорот од етички причини, а средствата кои се излиле по овој основ да се вратат во општинските институции на Куманово и да се искористат за многу од горливите проблеми во таа општина. Граѓаните на Куманово, а и ние, би ценеле ако во Општина Куманово конечно се реши проблемот со ѓубрето и депониите, ако се направи долгонајавуваниот, а не направен базен, ако се вратат дел од долговите на Општина кои за жал, како во секоја општина раководена од СДСМ воопшто не се мали.
Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц треба да разберат дека ова не е скандал кој може да се заборави.
Една недела ВМРО – ДПМНЕ презентираше документи за огромниот скандал со паркизните во Куманово- тендерот бил во вреднос од 22.892.000 денари или близу 400.000 евра.
Вчера Дамјан Манчевски ја објави одлуката на Државна комисија по жалби за јавни набавки при Владата, според која изборот за најповолен понудувач и тендерската постапка се целосно законски. Тој упати порака до Илија Димовски- за се што не ви е јасно, да се соочиме на телевизиска дебата пред очите на целата јавност, па граѓаните да одлучат сами.