Шекеринска: Јалови обиди на власта да ме оцрнат
Секој крадец фатен на дело многу гласно вика држете го крадецот. И тоа е она што овие денови систематски го прави Владата свесна дека опозицијата секој ден со некој нов документ и со некој нов доказ ги докажува и спрегите помеѓу одредени платеници и власта и криминалот и корупцијата на првите луѓе во власта, воедно уплашена дека купчето документи нема крај, единственото што им останува да го прават е да викаат гласно држете го крадецот и да фрлаат кал по секој што е храбар или желен да ја зборува вистината, рече потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Меѓутоа, дури и во ваквата хајка видливи се три разлики помеѓу власта и помеѓу опозицијата и за нив би сакала денес да говорам. Разлика број еден помеѓу власта и опозицијата е нашава и моја денешна прес конференција, додаде таа.
Каде е генералниот секретар на владата на Република Македонија?
Каде е Гордана Јанкулоска?
Каде е Силвана Бонева?
Каде е Ивона?
Каде е впрочем и Латас?
Каде е и Премиерот некогаш да даде одговор на прашањата кои изминативе недели ја интересираа македонската јавност? Нив ги нема, тие ќе бегаат од камери и ќе ги обвинуваат за сите проблеми другите институции.
Опозицијата тоа не го прави. И денеска, првиот пат кога и кон мене фрлија со кал, јас не бегам од камерите и не бегам од вашите прашања.
Втората разлика, опозицијата и СДСМ го откриваат скриениот имот на првите луѓе во власта.
Имот кој што го скриле од институциите и од јавноста. Имот кој не го пријавиле на институциите а согласно законот морале тоа да го направат. Тие денеска ја открија Америка и на јавноста и го покажаа имотот кој јас сум го пријавила во Државната комисија за спречување корупцијата и сите други релевантни институции.
Денеска зборуваат и плукаат и ја свртуваат темата од вистинските прашања за кирија која што уредно сум ја пријавила а не како нив да ја кријам. И кирија која што согласно со менаџерскиот договор за работа мојот сопруг ја добива од фирмата за која што работи и за која што уредно платил данок.
Е тоа е големата разлика.
Нема скриен имот кај опозицијата, нема неоданочен имот кај опозицијата и затоа тие денеска треба да прават случај таму каде што не можат да исконструираат случај.
Третото и можеби најважно.
СДСМ е опозиција, ДПМНЕ е власт во оваа држава. Власт под чија што контрола се сите институции задолжени за гонење на криминал и на корупција. И така е веќе 8ма година по ред. 8 години бараа по документи и архиви, бараат и денес.
Се трудат да најдат еден документ со мој потпис со кој ќе ме обвинат дека еден денар незаконски сум земала. И неуспешни се во тоа, бидејќи зад мене не постои Аналитико, бидејќи зад мене нема Национална платежна картичка, бидејќи зад мене нема милиони евра дадени на омилени уредници. Да имаше еден документ, еден потпис и еден незаконски стекнат денар во овие 8 години, почитувани граѓани на РМ јас 8 пати ќе бев во затвор. И бидејќи се свесни дека такво нешто не постои затоа се нервозни, затоа мораат да плукаат и затоа мораат да измислуваат лаги .
Ние како опозиција имаме обврска и тоа е единственото што можеме да го правиме да вадиме на виделина документи скриени од власта. Да вадиме на виделина скриен имот.
Да вадиме на виделина врски помеѓу лица влијателни во медиумите и власта која што со нив ја купува поддршката. Меѓутоа, не со свои туку со пари за граѓаните. Ние како опозиција тоа можеме и тоа мора да го правиме. Сите полуги во државата се во рацете на власта и ако имаа за нешто да не држат до сега 10 пати и ќе не апсеа и ќе не уценуваа за да молчиме.
Ако со трикови и со закани како оваа денешнава сметаат дека ќе не замолчат и дека ќе престанеме да зборуваме за лошите политики и за криминалот во врвот на власта многу се лажат. Вистината ќе продолжи да излегува секој ден а шилото ќе покаже дека криминалот и корупцијата се во главата на рибата.