Одлуката на Ахмети пресудна за предвремени избори

Објавено на 23 јануари, 2014 во 09:07

Предвремени парламентарни избори не се приоритет за Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, но доколку коалицискиот партнер ДУИ реши дека двојни избори се потребни, или некој од останатите партии, Груевски ќе трча на двојни избори, јави 24 Вести.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во синоќешната 24 Анализа изјави дека одлука нема за предвремени избори, но и дека можат како што вели да се случат околности според кои би се одело на избори.

За Милошоски ниту замрзнатите евроинтеграции и малата можност тие да се поместат годинава поради грчкото претседавање со Унијата, изборите за Европарламентот, не се доволна причина да се бара нов мандат, бидејќи велат, таа ситуација не е прв пат да се случува.

И додека Груевски тактизира и игра топло ладно, неговиот коалициски партнер Ахмети, како што веќе објави 24 Вести, се очекува на утрешното ЦП во Мала Речица да реши дали ДУИ ќе застане зад опцијата двојни избори. ЦП е закажано за попладнето, нема дневен ред, ќе биде продолжување на тоа во понеделникот и според партиски извори ќе се кршат копјата за предвремени парламентарни избори.

Од ДУИ не откриваат детали за стратегијата, но велат дека можно е да паднат предлози, Ахмети да ја услови поддршката за предвремени парламентарни со прифаќање на неговата идеја за консензуален кандидат. Сепак извори од ДУИ  велат дека не очекуваат Ахмети да поддржи таков пазар.

За ДУИ токму статус кво состојбата на евроинтеграциите годинава е доволен мотив за нови предвремени избори. Доволна причина за тоа гледа и екс премиерот Георгиевски, но само со тврди гаранции дека името ќе се решава.

Од СДСМ пак освен освен официјалниот став дека Заев е подготвен за било какви избори, нема детали. Според партиски извори, се отворило прашањето за евентуални предвремени избори на синоќешната седница на ИО, но ставот според истите извори е дека партијата пред да коментира, ќе чека и официјална одлука на коалициските партнери во власта.

Позициите од ДУИ изворно уште минатата недела во Мала Речица ги слушна висок функционер на СДСМ на итна средба по барање на социјалдемократите, откако 24 Вести објави дека Али Ахмети сериозно размислува за опцијата двојни избори.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.