Ахмети се премислува, со претседателските можни се и предвремени парламентарни избори
Али Ахмети се премислува и нема да биде изненадување ако се согласи со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори, пишува денешен „Дневник“ повикувајки се на информации нод висок партиски функционер.
Од децидниот став дека нема потреба од двојни избори, интегративците сега сериозно калкулираат со опцијата за предвремени парламентарни избори, односно премеруваат што би добиле и што би изгубиле ако играат на таа карта. Но, сигурно е, велат од партијата на Али Ахмети, дека ако со ВМРО-ДПМНЕ се договорат за парламентарни избори, мнозинството ќе биде тоа што ќе го распушти Собранието.
Освен ставот за двојни избори, интегративците ги омекнуваат критериумите што ги испорача за консензуален кандидат за шеф на државата за таа идеја првенствено да се најдат со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ.
-Анализираме кои би биле придобивките ако се согласиме на предвремени парламентарни избори. Аргументите за избори се дека и така половина година ќе биде изгубена кога станува збор за прашањето за името и тоа поради грчкото претседателство со ЕУ, како и локалните избори во Грција и изборите за Европарламентот. Аргумент што натежнува во прилог на предвремени избори е и тоа што ако парламентарните одат во пакет со претседателските напролет, се отвора простор идните три години да нема избори – вели функционерот на ДУИ за Дневник.