Партиите ги кријат финансиите а нема како да бидат казнети
Државниот ревизор се сомнева дека партиите не биле искрени во финансиските извештаи за приходите и расходите во изборната кампања на локалните избори, јави Телма. Трансакциите не се усогласени со законите и упатствата, а ниту од една партија не доставиле акт за бројот, седиштата на изборните штабови и нивното користење, со или без надомест.
Кај ДУИ дополнително е констатирано и дека, средствата кои ги примиле на име на донации, а биле над законскиот дозволен лимит, не ги уплатиле во државниот буџет, што е законска обврска. Во нивниот извештај ги немало ниту сите примени донации, како и направените трансакции. Овој комотен однос на партиите кон ревизорите, според извршниот директор на асоцијацијата МОСТ, Дарко Алексов, се должи на немањето санкции.
Хаотичната состојба во случајов, според Алексов, е резултат и на тоа што, според Изборниот законик, за неправилности во финансискиот извештај, надлежен да поведе постапка е Државниот завод за ревизија. Но, според Законот за државна ревизија, ревизорите смеат само да ги известат надлежните органи, но не и да поднесат пријава.
Ова вртење во круг очигледно им оди во прилог на партиите, што се гледа и од фактот што, ниту од една од нив не побараа, во измените на Изборниот законик кои во моментов се подготвуваат, точно да се прецизира кој треба да ги казни ако лажат за финансирањето во изборните кампањи.