Лана Николова е првиот нов жител на Велес во 2014 година

Објавено: 1 јануари, 2014, во 14:13 часот

На први јануари, годинава, во три минути по полноќ се роди Лана, втората ќерка на Зорица и Ристе Николови. Таа е првото новородено бебе во Велес. Лана по трет пат донесе радост во семејството Николови откако пред дванаесет години им се роди првата ќерка Верица а една година потоа и синот Андреј.

Лана на овој свет дојде со царски рез, тешка е 3,5 кг и долга 52 цм. Таа и нејзината мајка се чувствуваат добро, рече гинекологот д-р Атанас Василев. Тој ја извршил операцијата и породувањето.

– Породувањето беше на самиот дочек на  Новата година, царскиот рез почна во две минути пред полноќ и за пет минути заврши со доаѓањето на свет на здраво женско бебе, рече д-р Василев.

И таткото Ристе со сестричката Верица стигнаа денеска напладне во велешката болница. Беа возбудени додека се подготвуваа да влезат во одделот и да ги видат Лана и Зорица. Верица со гордост соопшти дека нејзината сестричка ќе се вика Лана.

– Јас и Андреј го избравме името а мама и тато го прифатија веднаш. Многу сакам да ги видам, рече Верица.

– Среќен сум и многу возбуден. Не било лесно да станеш татко и по трет пат. Му благодарам на медицинскиот персонал за грижата за Зорица, таа имаше висок притисок и секако на сите им ја честитам новата година, рече Ристе.

Неколку минути претходно првата нова жителка на Велес ја посети градоначалникот Славчо Чадиев со сопругата Весна. Градоначалникот им подари парична награда од 12 илјади денари.

– На родителите им го честитам раѓањето на третото дете, нека е здраво и живо. Било трето дете еве уште еден поттик за семејствата во Велес да ја продолжат акцијата за трето дете. И општина Велес има иницијатива за воведување на парична награда за трето дете сега само треба законски да ја дотераме постапката, рече Чадиев.

Малата Лана и нејзината мајка добија подарок и од госпоѓа Чадиева кој се состои од „Радосница“ во која Зорица ќе може да ги забележи сите позначајни моменти од животот на Лана до нејзината седумгодишна возраст и колекција за нега на новороденчиња.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.