(ФОТО) Велес на неколку часа пред Новата 2014 година
Објавено: 31 декември, 2013, во 14:35 часот
Велешани ги одбројуваат последните часови на старата година. Во градот се чувствува дека сите брзаат, едни да ги завршат последните работни обврски а други да ги купат потребните производи за празничната вечера. Угостителите ги прават последните подготовки за организираниот новогодишен дочек. Салите се украсени и сега се е сконцентрирано во кујната. Готвачите ја подготвуваат новогодишната вечера за гостите. Во ресторан „Розе сала“ вечерва триста гости ќе се забавуваат со избрана група но и со новогодишна вкусна вечера вели Марјан Каџманов, сопственикот на ресторанот.


– Ладна и топла закуска, богата вечера и избрани пијалоци го сочинуваат новогодишното мени. Предјадењата се готови а сега се подготвуваат свинско и пилешко печење како специјалитет на ресторанот. Ветуваме весела атмосвера за нашите гости. На сите други граѓани им ја честитаме Новата година, рече Каџманов.

На главната градска улица многу автомобили и луѓе. Под јаворите на плоштад Сармаале весела атмосвера. Арзиови свират со зурлите и тапанот а некој граѓани и пеат.

Ги прашавме велешани каде ќе ја дочекаат Новата година.
– Се знае, дома со семејството бидејќи така е најубаво.
– Пари нема за никаде, а и дома не е лошо.
– Ние ќе чуваме внуци, а наши гости ќе бидат керката и зетот, така е најефтино и најубаво.
– Сега се потсетуваме како некогаш за Нова година одевме во Крушево и Маврово но сега не можеме затоа што немаме пари. Домот е неизбежно место и се живее со спомените, што да се прави кога за патување се нема пари.

На улица се и сообракајните полицајци кои го регулираат сообраќајот и се грижат да не дојде до застој.

Во пекарите продавачите ги очекуваат граѓаните да си ги земат порачките најчесто соленки и погачи. Отворени се и цвеќарите од кои можат да се купат цветните аранжмани и да се изненадат припадничките на понежниот пол. Продавачките ги очекуваат досетливите мажи.


Се продаваат и балони на улица. Децата им се радуваат исто како и на Дедо Мраз, велат уличните продавачи. И штом го спомнаа, тој веќе беше тука, на главната улица чекореше и пееше. Да, најпосакуваниот дедо на целиот свет веќе е во Велес. И дели подароци и се фотографира со неговите најверни обожаватели, децата.



И така ќе биде на улиците во Велес, уште само неколку часа, колку што сите нас не делат од Новата 2014 година.


