Странските инвеститори очекуваат добра соработка со новата Влада

Објавено: 9 мај, 2017, во 15:45 часот

Добра комуникација и политика која ќе обезбеди добра соработка меѓу нив и институциите, очекуваат странските инвеститори од новата Влада. Ова денеска го истакна претседателот на Асоцијацијата на автомобилската индустрија при Советот на странски инвеститори на Стопанската комора и генерален директор на компанијата „Ван хол“, Аврам Стојчевски.

Асоцијацијата денеска во „Ван хол“ во Бунарџик, организираше средба на домашни и странски компании за поттикнување на нивната соработка.

– Со било која влада очекуваме да имаме добра комуникација. Веќе започнатата поддршка на инвеститорите во индустриските зони, очекуваме да продолжи. Лудо би било да се креираат такви владини политики кои ќе предизвикаат недоверба кај странските инвеститори кои би придонеле за нивно повлекување од земјава – рече Стојчевски.

Тој, како што рече, очекува странските компании да ги добијат ветените пари од државната помош кои законски им следуваат во износ од 50 отсто од инвестицијата. „Ван хол“ не го достигнал овој износ во првата инвестиција, а веќе е при крај со втората фаза од инвестицијата.

– Кеш компонентата која ја добиваат инвеститорите е многу помала од законскиот износ кој опфаќа даноци, придонеси, помош при изградба на погоните… – рече тој коментирајќи го прашањето за директната помош на државата за „Ван хол“.

Според него, компаниите на странските инвеститори во земјава на работниците им ги обезбедиле сите неопходни услови за квалитетно извршување на работата и градење успешна меѓународна кариера и ги имплементираат сите светски и домашни стандарди што им се нудат на работниците во фирмите мајки во странство.

– Ве уверувам дека работната средина и исполнувањето на индустриските стандарди за работа ако не се исти, минимум се еднакви или ги надминуваат истите во фирмите мајки во странските земји – рече Стојчевски.

Сепак, потврди дека евтината работна рака е еден од низата поволни услови кои им се нудат на странците во понуда на поволности за инвестирање, но рече дека работната рака е квалитетна и платена според македонските стандарди.

– Кај нас просечната нето плата по работник е 395 евра, а најниската е 200 евра, а неа ја примаат само неколку работници. Имаме 870 вработени и планираме веќе од наредната година да го зголемиме бројот преку втората фаза од инвестицијата на 1.000 работници. Лани овие работници произведоа 570 автобуси од кои 80 отсто завршија на американскиот пазар, додека 20 отсто на европскиот пазар – подвлече тој.

Асоцијацијата на автомобилската индустрија на странските инвеститори ја оцени денеска како недоволна соработката со домашните компании.
– Од вкупно 50 македонски компании кои произведуваат или се со капацитет да произведуваат различни делови и материјали, или пак нудат услуги за потребите на директното производство на автомобилската индустрија засега недоволен број од нив тоа и го оствариле – рече Стојчевски.

Основната причина за тоа, како што рече, е квалитетот на производот, цената и брзината на доставата кои се главните предуслови да се оствари соработка со странските компании.

– Процесот на договарање е долг, има бројни проверки на квалитетот на производот, испораката, цената, но кога ќе се направи договор тој е долгорочен – подвлече тој.

Извор: Плусинфо

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.