Велeшани дишат релативно чист и не можат да заборават како се бореа за воздух, пред деценија и пол!
Апаратите на Центарот за јавно здравје не регистрираат големи отстапки на квалитетот на воздухот во градот. Јавната здравствена институција излезе со податоци според кои загадувањето е во рамки на дозволените граници на сите три мерни места. Првото е во самата институција, второто кај детската градинка во Нова населба и третото кај велешката Агенција за вработување. Таму секојдневно се регистрираат емисиите на сулфур двооксид, чад и други супстанци. Засега регистрираните вредности покажуваат дека тие не се над максимално дозволените граници.
На веб страницата на министерството за заштита на животна средина не се регистрира квалитетот на воздухот во градот. Тоа е потврда дека не работат мерните станици, велат екологистите. Дека тоа е така покажува состојбата во која се наоѓа на брегот на реката Вардар во централното градско подрачје. Во неа одамна не влегол никој.
Сега и локалната власт најави дека ќе ја следи состојбата со квалитетот на воздухот во Велес. Според најавите на градоначалникот општината ќе прави испитувања за аерозагаденоста во градот. Чадиев се сомнева дека во Велес работат базните станици за мерење на загадувањето во воздухот.
– Општина Велес планира од сопствени средства да направи испитување и потоа ќе ги презентираме резултатите, рече Славчо Чадиев.
Лани воздухот во Велес ниту во еден ден не бил со зголемени концентрации и вредности над МДК. Но, за граѓаните сеуште се ноќна мора резултатите кои ги регистрираа базните станици пред деценија или две. Тогашниот Заводот за здравствена заштита во 2002 година објави резултати од 28-годишното следење на загаденоста на воздухот со сулфур диоксид и чад. Тие покажаа дека вредностите на сулфур диоксидот се движеле до седум пати над максимално дозволената концентрација и тоа континуирано 138 дена во 1988 година./Б.Н