Вечер на словенечка култура и традиционална кујна
Ги подготвија највкусните традиционалните словенечки специјалитети Орехова потица, Фижолова салата, Чешпанове кнедле, сервираа салати од кисело зеље и крањска колбасица и како декорација на коктелот ги поставија најпрепознатливите сувенири на рачно изработените простирки со везови од родната земја, Словенија.
Трите Словенки, кои половина век живеат во Велес, Маринка Рибончек Жарова, Јелка Завршник Станковска и Јожефа Зајц Џуклева подготвија се што содржеше менито на коктелот во чест на премиерата на перформансот “Чекори кон Европа“ – Македонија и Словенија на театарската трупа „Словото“.
Овие госпоѓи ги воодушевија сите присутни и особено Амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Бранко Раковец.
– Изненаден сум, јас досега не знаев дека во Велес живеат три Словенки. Ова е мој прв контакт со госпоѓите и ќе кажам дека подготвиле многу вкусни специјалитети. Им благодарам што на ваков веродостоен начин ја преставиле нашата родна земја, рече Раковец.
Трите госпоѓи не ги заборавиле ниту највкусните македонски специјалитети. Во изборот сепак централно место имаше велешкиот бренд питата Пастрмајлија. И токму неа прво избра да ја дегустира Амбасадорот Раковец. Изборот на неговиот домаќин, градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев беше ораховата потица.
Вредните домаќинки потврдија дека , ниту по пет децении живот надвор од својата родна земја, не ги заборавиле рецептите и начинот на подготовка.
– Тие неможат да се заборават бидејќи ги носиме во нашите срца и секогаш се присутни во главите. И по педесет години го чувствувам нивниот мирис кој ме потсетува на детството, на деновите кога бев девојка во кујната на мојата баба, на мајка ми. Јас постојано ги подготвувам, рече Маринка Жабева.
– Во мојот дом секогаш ги има на празничната трпеза за Божик или Велигден. Ги подготвувам и за други празници бидејќи ги обожуваат моите деца и сега се разбира внуците, рече Јожефа Џуклева.
– Многу доцна ни се јави актерката Весна Димитрова Бобевски и немавме многу време за да ви подготвиме и други специјалитети. Но никогаш не е доцна. Се разбира друг пат кога ќе имаме повеќе време ќе има и други словенечки специјалитети. Само нека има убави поводи како вечерашниов кога овие млади деца од Велес на многу веродостоен начин ни ја прикажаа Словенија, рече Јелка Станковска.
Никој од присутните гости не остана недопрен од љубезноста на вредните домаќински и секако од вкусните специјалитети. Тие се служеа со словенечкиот безалкохолен пијалок Кокта, со неколку негазирани и минерални води од Словенија и со вкусни македонски и словенечки вина.