Германскиот инвеститор „Марквардт“ прва странска инвестиција во Велес
Електроничари и информатичари со високо образование ќе му требаат на германскиот инвеститор „Марквардт“ кој одлучи да гради фабрика во велешката индустриска зона Караслари. Во неа ќе се произведуваат електронски делови за автомобилите ауди, бмв, пежо, рено, крајслер, тојота, киа.
Една третина од вкупниот број на вработени или околу двеста, ќе бидат невработени граѓани со средно стручно образование, ветува градоначалникот Славчо Чадиев.
– За нив ќе бидат организирани обуки кои ќе ги спроведува тим ангажиран од инвеститорот. Тоа ќе се случува паралелно со градењето на фабриката. Ние како општина сме подготвени да ги исполниме сите барања на германската компанија. Откако ја средивме целата постапка со локалната урбанистичка планска документација и сега можат да се исцртаат парцелите штом дозволат временските услови ќе ја изградиме инфраструктурата, улици, водовод, канализација и секако пречистителна станица. Инвеститорот непречено ќе може да почне со градбата на халите, рече Чадиев.
„Марквардт “ од општината се очекува да купи 15 илјади м2 површина по цена од едно евро за метар квадратен. Според првичниот договор изградбата да ја почне во првиот квартал на 2014-та и да ја заврши за една година. Согласно законот, мултинационалната компанија, ќе треба на општината да и плати уште 5% комунален данок.
– Сто илјади метри квадратни по 1,5 евра од продажбата. Ние сме задоволни од таа цена, рече Чадиев.
Во индустриската зона Караслари има уште 12 хектари површина на која општината чека домашни и други странски инвеститори./Б.Н