Поради ниски понудени цени,не се предава тутунот во велешко Бузалково
Производителите се сред село и го искажуваат своето незадоволство од ниските цени за откуп и начинот на проценка на квалитетот. Росана Саздовска вели дека цело лето работела на нивите и нема да го даде родот за џабе.
„Уште рано на сабајле будам три деца за да одиме на тутун и да работиме и тоа мали се. Дојди си дома, нижи прави ручек, заврши ги домашните обврски и преморена си, а и ние сакаме да живееме како сите, ама тој што не работел тутун не знае како е“, рече Росана Саздовска.
Во ова велешко село од производство на тутун живеат речиси сите 300 семејства. Тие произвеле 500 тони затоа што годинава била плодна. На ниту еден од нив не им се допаѓаат понудените откупни цени од фирмите откупувачи.
„Како може на телевизиjа велат дека загарантирана цена е 180 денари, а нас овде тутунот ни го откупуваат за 110 денари. Е нема така, не го предаваме ако треба ќе го изгорам ама за тие пари не го давам“, рече Аднан Салија, тутунар од Бузалково.
„Што да правиме сега ние, тутун прва класа, а ми вели дека е трета, да земеме децата и да се фрлиме во Вардар, тоа ни останува. Ова е навистина голема катастрофа. Со сто денари не можам ниту нафтата да ја платам“, рече Демиршаир Шенан, тутунар од Бузалково.
Идентична е сликата и во овчеполските села. Во Лозово тутунарите го предаваат родот и се жалат дека се откупува само квалитетнитот тутун за пониски цени. Не сите веруваат дека ќе го продадат годинешното производство.
„Не го земаат целиот тутун како порано и не знам зошто, што ќе му правиме понатаму не знам. Јас имам забележано дека нон стоп една класа пониско го оценуваат турунот , не ми е јасно зошто, не го ни земаат па ќе ги молиме да не уценуваат на крај“, рече тутунар од Лозово.
Тутунарите го бараат министерот за земјоделство Љупчо Димовски. Сметаат дека државниот инспекторат за земјоделство треба да прави секојдневни контроли и да ги казнува нереалните проценки на родот. Ако тоа не се случи рекоа дека ќе блокираат патишта и ќе одат на протест пред Влада./Б.Н