Крстеви сеуште немаат одговор од второстепената владина комисија за пензијата на болниот Јосе

Објавено: 11 декември, 2013, во 11:57 часот

Помина 1-ви декември а Драгица Kрстева од Велес сеуште не доби одговор од второстепената владина комисија дали нејзиниот болен сопруг Јосе ќе продолжи или не,  да ја користи инвалидската пензија. Овој рок, согласно законот, си го поставија надлежните во кој требаше да им одговорат на Крстеви зошто комисијата пред две години му одобри а годинава во септември му ја укина времената инвалидска пензија на  болниот Јосе Крстев од Велес.

– Незнам што се случува, во изминативе десет дена, секојдневно очекував да помине поштарот и да ми донесе писмо. До денеска тоа не се случи. Тешко живееме, немаме пари а Јосе има потреба од лекови и нега. Се обидувам се да му овозможам со парите што ги добива од негата на болен што ми ја даваат од Центарот за социјална помош ама не стигнуваат тие 4 илјади денари, рече Драгица.

Таа сеуште стравува дека можат да бидат исселени и од станот во кој живеат под ќирија. Нема друго место каде може да се пресели со болниот сопруг. Нивниот живот стана пекол откако комисијата за инвалидска пензија пред три месеци одлучи да ја преиначи одлуката и по две години да му ја одземе времената пензија на Јосе.

Крстеви во септември, годинава на лекарите им поднеле нови медицински потврди со кои докажуваат дека сега Јосе боледува од склероза и од валенбергов синдром откако пред две години го стекнал правото на пензија со преживеани неколку мозочни удари и канцер на носот. Тој пред неколку години остана без работа кога се затвори велешката фабрика за тули „Киро Ќучук“.

Крстеви не можат да се опорават ниту од трагедијата што летово им се случи кога нивниот единец, син, загина во несрекен случај на бродоградилиште во Црна Гора.

– Ме чека шестмесечен спомен а јас немам пари да го посетам ниту гробот на моето чедо бидејќи превоз до Раштани нема а јас немам пари за такси, рече Драгица со солзи во очите. /Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.