Кафетериите сеуште работат по летна шема
Објавено: 14 ноември, 2013, во 16:51 часот
Кафетериите и во месец ноември сеуште го користат просторот пред влезовите на угостителските објекти. Иако претходно се договорија со општина предпросторот да го користат за поставување на маси, столчиња и летни чадори наместо до 31 октомври до 3-ти ноември , нивната урбана опрема и понатаму стои. Сопствениците на угостителските објекти неколку дневното продолжување го добија само поради одржувањето на стопанско културната манифестација „Питијада“.
Тогаш беше соопштено дека штом заврши манифестацијата завршува и нивниот рок за поставената летната опрема на платформите над зеленилото. Прашан зошто е тоа така денеска градоначалникот одговори дека со сопствениците на објектите ќе се сретне утре, петок, за да разговараат на нивно барање.
– Дефинитивно зелените површини ќе бидат ослободени и нив јавното комунално претпријатие „Дервен“ ќе ги уреди и огради, рече Славчо Чадиев.
Што ќе се договарат општината и сопствениците на кафетериите ќе се знае по утрешната средба.
Денеска на кафетериската улица во градот очигледно беше дека летната опрема и понатаму стои. Дел од кафетериите отстраниле дел од урбаната опрема но не цела и од целиот простор што го користат како платформи во лето.
