Опозицијата и власта во препирка за не – изградбата на улицата „Крсте Мисирков“
Нема да се направат повеќе проекти како улици, патишта и потпорни ѕидови , значајни за подобрувањето на квалитетот на живеење на граѓаните на Општина Велес, обвини денеска локалната опозиција. Советникот Иван Ивановски од СДСМ соопшти проекти кои, според опозицијата, нема да се реализираат наредната година поради скратените пари во програмата за уредување на градежно земјиште.
– Еден од тие проекти, како повеќегодишно ветување е улицата – Крсте Мисирков. За оваа улица, каде сега стоиме, власта првично предвидела 1.300.000 денари, па средствата ги зголемила на 1.800.000 денари, за да на крај предвидената сума ја намали на 1.000.000 денари и да соопштат дека оваа година е завршена за решавање на овој проблем. За наредната година, пак, власта предвидела само 800.000 денари. Значи, нешто не е во ред со математиките, а најверојатно и со волјата да се направи улицата, онака како што треба, рече Ивановски.
Тој ја праша локалната власт на ВМРО ДПМНЕ зошто оваа улица не се гради во целост. Соопшти реакции на граѓани кои реагирале дека поради лошо направени интервенции кога врне, целата вода стои на улицата и праша зошто не биле прашани граѓаните, дали и колку се задоволни од досегашните поправки.
– Дали некој од власта ќе одговори зошто оваа и слични на оваа улица, веќе подолг временски период се предвидуваат за изградба па потоа се бришат и пак се предвидуваат? До кога со ваквата политика ? На ВМРО ДПМНЕ им е петта година, како се на власт на локално ниво, праша Ивановски.
Реагираа и од општината. Во соопштението се вели дека реакцијата на СДСМ не ја одразувала реалната состојба која требало да ја знаат граѓаните. Одтаму соопштија дека после 30-тина години, пролетва, биле реконструирани половина од улицата „Крсте Мисирков“ во должина од 110 метри и уште 70 метри од улицата Христо Узунов. Општината за градежниот зафат издвоила 1.500.000 денари.
„Инаку при неодамнешните градежни активности на оваа улица беше константирана состојба на исклучиво слабо носиво тло, кое бара подолг сув и топол временски период за негово санирање. Од причина што временските прилики, со чести појави на дожд во овој период, не дозволуваат квалитетно извршување на работите на останата половина од улицата Крсте Мисирков, веќе еднаш предвидената реконструкција ќе продолжи в година, на почетокот на новата градежна сезона“, пишува во соопштението на општина Велес.
Одтаму се бара да не се политизираат градежните работи бидејќи не оделе во прилог на граѓаните.