Се вози ли безбедно по автопат во Македонија ?
Објавено: 29 октомври, 2013, во 10:07 часот
Шок и неверување доживеал триесет и седум годишниот велешанец Борче. С. на автопатот Скопје – Велес, кога пред два месеци на само седумстотини метри од наплатната рампа Сопот, пред автомобилот му претрчал човек а веднаш по него и куче. Човекот му претрчал на растојание од триесетина метри, Борче се избезумил па не успеал да го избегне кучето што поминало пред автомобилот и го прегазил.
„Бев во шок, се се случи како на филм. Не знаев што попрво да правам, дали да го побарам кучето или пак да ги собирам деловите од возилото кои излетаа на патот. Минуваа и други автомобили по автопатот а јас собирав делови од колата. Штетата ми е некаде околу петстотини евра, плус шокот што го доживеав кој не се мери во пари, рече Борче.
Тој не е единствениот што се соочил со опасност предизвикана од животни на патот. Во билтените на СВР Велес во неколку наврати, беа објавени информации за сообраќајни несреќи предизвикани од претрчување на добиток на автопатот. Лани, на 3 јануари, крава на автопатот кај Велес предизвика сообраќајка во која загина триесет и седум годишната Алмина М. од селото Сарај која беше сопатничка во возилото марка „Рено лагуна“ со скопска регистрација.
За жал фатални беа последиците од преминувањето на автопатот Велес-Градско и за педесет и едногодишниот прилепчанец Демир Паповски. Тој ноќта на седми јули годинава поминал низ големиот отвор кој постои на заштитната ограда за да си купи цигари од бензиската станица, лоцирана на спротивната страна на автопатот. Ништо не го попречило овој овчар кој дошол од Прилеп во Градско да чува стадо со овци, во намерата да стигне до бензиската, да ги купи цигарите, но на враќање него го прегазил автомобил, а потоа уште неколку други возила поминале врз него. Тогаш работникот на бензиската станица на новинарите им изјави дека низ тој необезбеден дел од автопатот често минуваат голем број на граѓани од Градско. Тоа вообичаено го правеле ноќе кога не работат локалните продавници па тие доаѓале во бензиската да пазаруваат. Нив ништо не ги спречува во намерата слободно да се искачат по угорницата која води до автопатот бидејќи таму недостига дел од заштитната ограда, долг десетина метри.
„Овде ноќе е црна темница. Нема осветлување и навистина не знам како луѓето се одлучуваат да минат. А доаѓаат многумина. Така беше и со човекот кој синоќа дојде по цигари. Ги купи и си замина и се додека не слушнав како ми довикнуваат возачи од автопатот да повикам што е можно побргу Брза помош не ни претпоставував дека загина човекот со кој пред малку разговарав“, рече Стојан Дафинчевски, раководител на бензиска пумпа Макпетрол.

Таму, на кобното место, наредното утро се уште беа свежи трагите од крвта на прегазениот човек. Додека по автопатот исто така имаше голема фрекфенција на сообраќај, преку отворот на оградата повторно слободно минуваа луѓе. Тие тврдеа дека овој голем отвор постои откако е изграден автопатот и никој до денеска не го затворил.
Овие луѓе прават прекршок, затоа што според законот за сообраќај не смеат да поминуваат преку автопат. Токму затоа никој не сноси одговорност освен самите тие.
Сепак задолжено да го одржува автопатот и да ја поправи дупката на оградата е ЈП Македонија пат.
Според Јавното претпријатие, дупките на патиштата и оштетените заштитни огради се санираат според приоритетна листа на претпријатието. Директорот Гајур Кадриу вели дека спорната дупка на оградата кај Градско, на која загина овчарот ќе се поправи кога ќе и дојде редот. Тој жали за изгубениот човечки живот, но вели дека со средствата со кои претпријатието располага тешко можеле да се поправат сите оштетувања на македонските патишта.
И се додека не се затворат дупките на оградата, таму постои опасност и во иднина да се случуваат вакви и слични трагедии. Семејствата на настраданите но и возачите кои претрпеле штета на своите автомобили додека пред нив претрчал добиток, па дури и оние кои ги оштетиле од дупките на патот, ќе продолжат да го тужат јавното претпријатие. А такви ги има многу тврди директорот Кадриу.

„Навистина ги има многу кои не тужат и бараат отштета. Наспроти тужбите кои пристигаат од возачите кои доживеале несреќи на автопатот Скопје – Гостивар и Скопје – Тетово, автопатската делница за која Вие ме прашувате кон Велес и Гевгелија е со незначителен број на тужби. Но знаете тоа си оди по судска постапка и во зависност од проценетата штета им се дава обештетување, рече Гајур Кадриу.
Од претпријатието не добивме точен податок колку тужби заработиле и колкава отштета платиле. Тоа беше тешко да се дознае дури и од основните судови во Велес и во Кавадарци. Според претседателите на двата суда постапката на пребарување на оваа информација е комплицирана, затоа што овој вид на предмети не биле внесени во компјутерскиот систем. Требало рачно да пребаруваат, а за тоа немале луѓе.
И додека дупките на заштитните огради на македонските автопатишта ќе чекаат подобри времиња за поправки, граѓаните се жалат и на изамортизираниот коловоз на автопатите. Најтешко е да се вози на автопатот од Велес до Скопје, велат стотици велешани кои секојдневно патуваат на работа во македонската метропола. За нив нелогично е да се плаќа патарина кога се вози по автопат кој наликува на шаховска табла.
„Плаќам 60 денари секој работен ден, возам велеслалом затоа што само така можам да ги избегнам дупките и на крајот неколку пати во годината менувам амортизери. Има ли тоа логика“, рече Славе П.
„По патот мора да се вози со голема концентрација, само така се трудам да ги избегнам крпениците и дупките. Зошто да плаќаме патарина, ако патот нема минимум услови за безбеден сообраќај, рече Тони.З.

Од Јавното претприојатие за државни патишта не одговорија на нашите прашања сметаат ли дека автопатот е безбеден за возење, дали ќе ја укинат патарината додека целосно не се поправи патот, колку пари годишно од патарини се собираат на оваа делница и дали тие се доволни за неопходните поправки. Уредно им испративме мејл со прашања, но и по три недели и упорно обидување да стапиме во контакт со нив, тие не сакаа да одговорат.
Сега на велешани им останува само да се надеваат дека реконструкцијата на овој дел од автопатот ќе започне вгодина и според најавите ќе биде завршена што е можно поскоро. Во досега објавените информации јавното претпријатие најави дека поправката на делницата во должина од 23,5 километри ќе стартува најверојатно од крајот на наредната година бидејќи изведувачите ќе бидат задолжени понудите за реконструкција да ги достават најдоцна до 2 декември а потоа за една година да ги изведат градежните работи. Оваа делниоца во просек дневно ја минуваат преку 10.000 возила, и е дел од пан европскиот Коридор 10 кој претставува значајна врска со земјите од Европа.
Тогаш најверојатно ќе се подобрат условите како за домашните така и за возачите од странство, кои имаа лошо искуство летово, особено во последните денови на август. Зголемената фрекфенција и број на возила што влегуваа од соседна Грција, за транзит да ја минат Македонија, раскажуваа за несекојдневните искуства на патарините Градско, Отовица и Табановце. Ако на влез во Македонија железните монети евра беа причина да чекаат неколку часа на патарините, на излегување од државава стоеја исто толку време поради недоволниот број на наплатни кабини.

„Се враќаме за Белград и заглавивме уште на влез на граничниот премин Богородица. Таму чекавме еден час само да ја минеме границата. И тоа не беше се, бидејќи ова е втора патарина на која чекаме по еден час. Како ќе не биде на Табановце е прашање, рече возач од Белград.
„Со две мали деца сум а треба да стигнам до Нови Сад. Се измалтретиравме бидејќи вака голема гужва не сум доживеал до сега. Сега е дваесет часот и ние за четири часа во вашата држава поминавме едвај сто километри. Воведете винетки и ќе го решите проблемот, рече возач од Нови Сад.
Предлогот на овој турист е прифатливо решение за директорот на ЈП Македонија пат. Кадриу смета дека државата треба да ги воведе винетките од повеќе причини.
„Прво затоа што ќе се избегнат гужвите, второ затоа што со сигурност ќе се знае дека парите ќе влегуваат во буџетот на државата и трето, затоа што ќе овозможат повеќе инвестиции за подобрување на патната инфраструктура. Инаку тоа што го гледавме во последните денови на август на автопатот Гевгелија – Скопје, особено на патарините, не смее да и се случува на Македонија. Така само можеме да ги изгубиме и оние туристи кои што одлучиле транзит да минуваат низ нашата држава, рече Кадриу.

Директорот на Македонија пат смета дека Владата што поскоро треба да ја разгледа опцијата и да ги воведе винетките.
Даниела Саздова
Приказната е поддржана од ЦИН СКУП МАКЕДОНИЈА во рамките на проектот „Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“.
