Сушата ќе ја запре есенската сеидба во велешко
Објавено: 25 октомври, 2013, во 10:03 часот
Во велешко само 20 отсто од планираните над 6.500 хектари се посеани со лебно жито и јачмен. Одминува времето за сеидба на преостанатите планирани 3.500 хектари под пченица. Ако деновиве не заврне есенската сеидба земјоделците велат дека поради сушата не ќе можат да го посеат.
– Состојбата е навистина многу тешка. Повеќе од три месеци нема паднато дожд. Земјата е сува. Ако посееме, поради немање влага, ниту пченицата ниту јачменот нема да никнат. Семето ќе го исколваат птиците, а ние ќе си останеме со празни раце, рече Милан Стојковиќ од селото Иванковци.
Во Сујаклари, Извор, Чашка, Раштани, Оризари и Ногаевци не се сее туку се чека есенски дожд. Земјоделците имаат семенски материјал и доволни количества на вештачко ѓубре. Исто е и во атарот на селото Иванковци каде есенва беше планирана сеидба на над 1.500 хектари под пченица и јачмен. На скоро иста површина сеидба требаше да има и во селата Оризари и Ногаевци.
Не се сее ниту на нивите на ЗК„Вардар“ од Градско. Таму беа планирани површини од 1.500 хектари за пченица и уште 1.200 хектари за јачмен. Сега земјоделците се надеваат на дожд кој ќе им обезбеди барем сеидба на 80 отсто од планираното.
– Лани ова време имав посеани илјада хектари. На нивите ми се роди 300 тони пченица. Ја продадов и добро заработив. Годинава подготвив површина од 1.200 хектари , но за џабе сушата не ми дозволува, рече земјоделецот Стојков.
Инаку, годинава и покрај сушата земјоделците од велешко добро поминаа. Родот на лебното жито тежеше околу 3.000 килограми по хектар што за овој дел од Македонија е повеќе од добар. Мелничарите од велешко откупија повеќе од 12.000 тони пченица, а фабриките за добиточна храна околу 9.000 тони јачмен.
