Коларов : Боречката организација со писмо побара од Советот на општината да не ги преместува бистите на борците
Објавено: 16 октомври, 2013, во 16:09 часот
Секретарот на велешките Социјалдемократи, Благој Коларов денеска на прес конференција објави писмо на Боречката организација со кое од Советот на општина Велес побарале да не ги дислоцира бистите на борците и народните херои од Младинскиот и малото паркче кај Ликовниот салон на Спомен Костурницата. Потписници на писмото се претседателот на Сојузот на борците од Велес, Саздо Кицевски, борецот д-р Никола Стојанов и Панче Николовски кои биле членови на комисијата.
– Во писмото го пишува следново: Го известуваме Советот на општина Велес дека има голема реакција од страна на граѓаните на Велес и на фамилиите на загинатите борци и народни херои, па поради тоа оваа комисија предлага на Советот на општината бистите да не се дислоцираат туку да останат на своите места каде што биле, или ако тоа не е можно да се постават во Младинскиот парк помеѓу новиот театар и новоизградената црква, кај фонтаните, место кое е најпрометно и е на увид на секој граѓанин кој секојдневно минувајќи низ главната сообраќајна артерија на градот, ќе има можност да ги види бистите, што е вообичаено насекаде во светот па и кај нас. Оставаме на лична совест и граѓанска одговорност на советниците на општина Велес да донесат позитивна одлука, рече Коларов.
Тој откако го прочита писмото потенцираше дека кој и да го пишувал ставот на општина Велес , требало да биде објективен и да напише дека боречката организација од Велес неколку часа пред почетокот на седницата до Општината и градоначалникот Славчо Чадиев доставиле известување со кое бараат спомениците да не се дислоцираат. Коларов, исто така праша зошто со писмото не биле запознати советниците.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто писмото го обелодени СДСМ а не Боречката организација која на одбележувањето на 11 Октомври позитивно се изјаснила за новоизбраната локација за бистите на народните херои, Коларов рече дека не знае зошто тие не свикале прес конференција и не ја соопштила содржината на писмото. Секретарот на ОО на СДСМ и координатор на советничката група во Советот на општината го пренесе партискиот став според кој бистите на народните херои и борци во Народно – ослободителната војна треба да се постават на локација во централното градско подрачје а не во комплексот на Спомен костурницата.

