Опозицијата ја напушти седницата на Советот на општина Велес

Објавено: 14 октомври, 2013, во 20:03 часот

Опозиционите советници во Советот на општина Велес ја напуштија денешната седница во знак на револт и протест против најавата за  апсење и хајка кон претседателот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ.

– Заминуваме од седницата поради притисокот кој се врши врз нашиот колега, председателот на совет во општина Центар и поради обидот насилно да се преземе власта во оваа општина исто како што тоа беше случај и во нашата. Со оваа постапка јасно сакаме да и дадеме на знаење на власта дека мора да го пушти Шиповиќ да се брани од слобода, рече Благој Коларов, координатор на советничка група на СДСМ.

– Очекувам дека ќе се вратите во советот каде и ви е местото и каде граѓаните ви го дадоа мандатот за да работите за решавање на нивните проблеми. Го почитуваме вашиот став, но сепак мислам дека денеска имаме особено важни точки на дневен ред и за тоа беше корисно да присуствувате , рече Александар Колев, претседател на Советот.

Од СДСМ велат дека ова е само почеток на протестот против недемократското владеење на оваа власт. Истата слика како во Велес ќе се повтори во советите во сите општини, а деновиве ке следуваат и многу други облици на протест.

– Локалните проблеми се локани проблеми и ние ќе работиме на нивно решавање, но сепак за развој на демократскто општество е битно неговите институции да функционираат и да не работат во корист на владеачката партија. Се солидаризиравме со овој случај и ќе го продолжиме нашиот притисок и понатаму и во останатите општини, рече Благој Коларов.

Од ВМРО ДПМНЕ пак ги повикаа опозициските советници да се вратат во советот, а потегот го окфалификуваа  како притисок врз правосудните органи.

– Наша должност е како членови на Советот на Општина Велес да се грижиме за интересите на граѓаните на Велес.Во овој случај кога на дневен ред на 10-тата седница се наоѓаат Нацрт програмите кои треба да бидат основа за планирање на Буџетот и основа за активностите на Општина Велес во наредната година во правец на креирање на Локален економски развој, урбанизација на градот и решавање на проблемите на граѓаните, сметаме дека се злоупотребени токму интересите на граѓаните на Велес, рече Петре Саздов, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Без многу задржување власта сама ги изгласа неколку предлог програми за буџетот за следната година како и одлуката за преместување на спомениците на борците од НОВ, од парковите низ градот на платото пред Спомен костурницата./Б.Н


Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.