И спортска игрална во детската градинка
Објавено: 12 октомври, 2013, во 11:36 часот
Гимнастичко коњче, повеќе душеци и спортски справи како и реквизити за игра има во салата во детската градинка „Димче Мирчев“, кај Жаба зграда. Во неа ќе вежбаат децата кои ја посетуваат градинката и децата од здружението на лица со церебрална парализа. Токму за нив беше опремен овој простор кој го донираше детската градинка но него ќе го користат и децата од установата. За да се подготви и опреми беа организирани два хуманитарни концерти од страна на здружението на граѓани „46664“ во соработка со детската градинка „Димче Мирчев“ и здружението на лица со церебрална парализа.
– Во наредниот период ќе се состави и план за користење на игралната со одредени временски термини за да може истата да ја користат и лицата со церебрална парализа и на тој начин да им се помогне во нивниот правилен раст и развој. Доколку успееме да собереме доволно средства во иднина ќе се потрудиме ваков тип на спортски игрални да отвориме и во другите објекти на детската градинка затоа што тие се повеќе од потребни за децата во нивниот развој но и негувањето на спортската култура од мали нозе, рече координаторот на проектот Ана Милевска Ѓеоргиева.
Спортските реквизити кои ги има во игралната ќе помогнат во балансот, надминување на рамното стапало а вежбите кои децата ќе ги практикуваат ќе бидат изведувани од страна на професори по спорт и физичка култура.

– Спортската игрална ни оди во прилог и со насоките кои се дадени од министерството за труд и социјлна политика за надминувањето на проблемите со рамното стапало па така одредена група на воспитувачки ќе посетуваат едукативни часови и потоа ќе спроведуваат вежби со децата, рече директорката на градинката Анида Цецева.
Новата спортска игрална ќе можат да ја користат и децата од другите блиски објекти на установата./Б.Н
