Старите куќи, на брегот на Вардар, под Стар мост треба да се заштитат

Објавено: 9 октомври, 2013, во 18:11 часот

Тие се дел од најубавото миље или амбиент на Велес, градот, во кој се губи идентитетот на препознатливата староградска архитектура од 19-тиот век. 

На оваа локација, во истрошена и извекувана форма, се сочувани само уште три куќи додека останатите повеќе ги нема. Пред триесеттина години овие градби беа обележје за градот, дел од питомата и неверојатно благородна градска архитектура сметаат историчари на уметност и архитекти.

– Велес е и мој град како што Скопје е Ваш град. Го паметам Велес од моментите кога токму овие куќи беа негова гордост. Ги пречекуваа патниците кои доаѓаа од јужниот влез во градот. Тие беа прекрасни градби надвиснати над реката, со убави балкони тоа беше нешто многу убаво, гордо затоа што го прикажуваше целиот начин на живот кој делува во формирањето на личноста. Уште повеќе што се е свртено кон реката. Знаете како значење има водата сама по себе и самата локација по себе е извонредна. Жалосно е што сега ги нема, останати се уште две или три. А токму поради нив архитектите и историчарите на уметност Велес го поистоветуваа со Венеција. Она што сега треба да го направите е да ги заштитите барем двете кои сеуште ги имате, рече проф д-р Донка Барџиева  Трајковска, претседател на граѓанското здружение Центар за културно наследство.

Од ова граѓанско здружение понудија помош. Доколку има интерес од граѓани, заедно со Народниот музеј на Велес и тие би се вклучиле во подготовката на проектот за заштита на куќите со кои би се побарале сретства од државата.

– Имаме време до следниот конкурс на министерството за култура да го подготвиме проектот и со него да се избориме да ги спасиме преостанатите две куќи кои буквално излегуваат од Вардар, рече Барџиева.

На трибината што се одржа во Ликовниот салон неколкумина граѓани дадоа свои предлози за заштита на куќи во Велес. Први ги посочија оние во комплексот Варналиите кои се распаѓаат а нивните сопственици не смеат да интервенираат и покрај тоа што државата не им дава парична помош за одржување. Тоа се само четири куќи и со двете покрај Вардар се вкупно шест кои останаа во градот и во кои сеуште живеат граѓани. Присутните исто така предложија во рамките на Народниот музеј да биде отворено одделение за конзервација ако државата смета дека градот нема потреба од конзерваторски центар. Одделението во Музејот ќе води поголема грижа за архитектонското наследство во Велес, предложија граѓани.

Фото: Куќи во маало Варналиите

 

Внатре во куќите во месноста Варналиите

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.